Одобрението за градба на „Шпански скали“ прогласено за ништовно


Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски, ја одби жалбата на инвеститорот Амадеус Девелопмент ДООЕЛ за изградба на „Шпанските скали“, а со ова останува на сила решението издадено од општина Центар за ништовност на одобрението за градење на таканаречените „Шпански скали“, за чија изградба имаше многу негативни реакции во јавноста.

Општина Центар, во мај годинава, донесе решение со кое го огласи за ништовно одобрението за градење на таканаречените „Шпански скали“, на инвеститорот „Амадеус Девелопмент“, затоа што истиот не започнал со градежни активности во законски предвидениот рок од две години.

Инвеститорот „Амадеус Девелопмент“ ДООЕЛ, незадоволен од решението на Општина Центар, изјавил жалба до второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски, како орган надлежен за решавање на спорови.

Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски на пред една недела, донел решение со кое што жалбата на инвеститорот изјавена против решението издадено од општината се одбива како неоснована.

Второстепениот орган, откако детално го разгледал обжаленото решение и наводите во жалбата, констатирал дека Општина Центар детално го образложила и пресметала рокот од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно, а со тоа изминал и рокот за отпочнување на градба. Со ова, второстепениот орган укажал дека Општина Центар правилно ги проценила и увидела дека се исполнети условите за огласување на ништовно одобрение за градење. Оттука, Општина Центар постапила правилно и не го повредила законот како на нејзина штета, така на штета на граѓаните, а најмалку на штета на жалителот во постапката.

Општина Центар, во согласност со законите, секогаш ќе води сметка за зачувување на секој дел од јавниот простор, како јавно добро кое не треба и не смее да се приватизира и е достапно за користење од страна на сите граѓани – велат од Општина Центар.

Во Кривичниот суд се води предмет за „Шпански скали“ во кој се обвинети поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и други 10-тина службеници, меѓу кои нотари и бизнисмени.

Тие се товарат дека со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН на плоштадот во Скопје, ја оштетиле државата за 2,6 милиони евра.

Во моментот на парцелата, која е дел од плоштадот „Македонија“ има плочник со тревник.