Се работи на финализација на мостот што ги поврзува улиците „Љубљанска“ и „Скупи“
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски утрово информираше дека продолжуваат активностите за финализација на мостот што ја поврзува улицата „Љубљанска“ со улицата „Скупи“ – значаен инфраструктурен проект за овој дел од градот.
Со неговото ставање во функција, Лукровски вели дека се очекува подобра поврзаност меѓу населбите Злокуќани и Бардовци, како и олеснет пристап кон индустриската зона и обиколницата.

„Ова решение ќе придонесе за растоварување на сообраќајот на клучните булевари и поефикасно движење низ овој дел од Скопје. Проектот беше во застој поради неопходни постапки за заштита на локалитетот „Скупи“, но по добиените согласности, активностите продолжуваат со засилен интензитет“, истакна градоначалникот на Карпош.
Додаде дека унапредувањето на сообраќајната инфраструктура останува приоритет, со цел создавање пофункционална и побезбедна урбана средина за граѓаните.