Од утре забрането пушењето на плажите и парковите во Франција


Франција ќе забрани пушење на плажи и во паркови, јавни градини и автобуски станици од утре.

Уредбата, објавена утрово во официјалниот владин гласник, ќе забрани и пушење пред библиотеки, базени и училишта, а има за цел да ги заштити децата од пасивно пушење.

Уредбата не ги споменува електронските цигари. Оние што ќе ја прекршат забраната ќе се соочат со казна од 135 евра.

„Тутунот мора да исчезне од местата каде што има деца“, изјави министерката за здравство и семејство, Катрин Вотрен, во мај, нагласувајќи го „правото на децата да дишат чист воздух“.

Исклчок се терасите на кафулињата
Терасите на кафулињата се исклучени од забраната.

Се проценува дека 75.000 луѓе умираат во Франција секоја година од компликации поврзани со тутунот.

Според неодамнешна анкета на јавното мислење, шест од десет Французи – или 62% – ја поддржуваат забраната за пушење на јавни места.