Од полни усти фалби до конфликт за заштита на македонскиот јазик
Остра преписка меѓу доскорешната претседателка на Советот за македонски јазик и министерот за култура
Политиката е со полни усти за одбрана на јазикот и идентитетот во странство, а дома се случува нешто поинакво.
Неодамнешната оставка на Симона Груевска-Маџоска од Советот за македонски јазик беше знак во јавноста дека има несогласувања околу грижата кон јазикот, недоразбирања меѓу институциите и отвори дебата за односот на Министерството за култура кон јазичната политика.
Нејзините јавни реакции, објавени на социјалните мрежи, доведоа до конфликт со министерот за култура Зоран Љутков, кој возврати дека македонскиот јазик е „далеку поважен од личната промоција“.
„Никој не се грижи за македонскиот јазик“, напиша Груевска-Маџовска на Фејсбук, упатувајќи директна критика до Министерството за култура и министерот Зоран Љутков.
Груевска-Маџоска вели дека оставката ја поднела поради односот на министерот Љутков и, како што тврди, закана од државниот секретар, а не поради лични мотиви.
„Вистината е дека за една и пол година, колку што бев претседател на Советот за македонски јазик, не сум имала ниту една средба со министерот за култура и туризам“, напиша таа, додавајќи дека повеќепати безуспешно барала прием кај министерот.
Таа тврди дека речиси една година инсистирала да започне подготовката на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена со Законот за употреба на македонскиот јазик, но наишла на игнорантски однос и одолговлекување.
Груевска-Маџоска посочува дека на јавна расправа за Националната стратегија за култура ѝ било кажано „да не зборува јавно“ и дека „на нивен предлог била избрана за претседател“, што го доживеала како закана. По тој настан ја поднела неотповикливата оставка.
„Мојот заклучок на крајот е дека никој не се грижи за македонскиот јазик и Господ да ни е на помош“, напиша таа.
Груевска-Маџовска особено го критикува фактот што, според неа, не бил предвиден буџет за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
„Прашањето е како Владата и Министерството за култура и туризам не предвиделе буџет за ова одбележување, а полни им се устите со македонскиот јазик, главно преку цитати од познати писатели и дејци во напишаните говори. Да се потсетиме дека оваа година Владата ќе ги плаќа Дејвид Гета и Хозе Карерас за прославата по повод 35 години од осамостојувањето на Македонија. Приоритети!“, наведува таа.
Груевска истакнува дека подолго време инсистирала на изработка на Национална стратегија за македонски јазик, но процесот се одвивал бавно и без соодветна комуникација.
Според неа, одговорите од институциите доцнеле со месеци, а обидите за директна средба со министерот останале без одговор. Дополнително, таа обвинува дека Советот не бил консултиран при изработка на Националната стратегија за култура, оценувајќи дека во делот за македонскиот јазик имало „неточни информации“.
Министерот за култура Зоран Љутков ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека институциите работеле координирано и системски.
Тој потенцира дека биле формирани работни тела со учество на повеќе институции, а средствата за одбележување на јубилејот биле обезбедени во рамки на буџетот.
„Не станува збор за немање пари, туку за институционален пристап“, изјави Љутков.
Воедно, тој негира дека Груевска работела без надомест, истакнувајќи дека била соодветно платена за својата функција.
Владата експресно назначи нова претседателка на Советот за македонски јазик – проф. д-р Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ и професор на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.