Од Ковид-19 почина медицинска сестра од Битолската болница


БИТОЛА – Медицинска сестра на 55-годишна возраст од хируршкото одделение на Битолската клиничка болница почина од компликации предизвикани од Ковид-19. Таа е прва жртва на вирусот меѓу здравствените работници од Битола. 

„Пациентката била хоспитализирана во многу тешка здравствена состојба. Подолг период била на боледување и не се заразила на работното место“, велат од Министерството за здравство. 

Во последното деноноќие на Инфективното одделениe во Битола починаа тројца пациенти на возраст од 55, 60 и 81 година, сите од Битола.

Бројката на хоспитализирани во регионалниот Ковид центар во Битола денес е 81 пациент. Од вчера болните се сместуваат и во вториот Ковид центар на одделот за Физикална терапија.

Бројот на заболени во Битола драматично расте, вчера беа регистрирани нови 73 заболени, со што во последниот период градот е на второ место по бројот на новозаболени после Скопје. Во моментов активно болни се 971 лице. (А.Б.)