Замрзнувањето на цените почнува на 16 март, Владата бара компаниите да мислат и на граѓаните

Тестенините поевтинуваат најмалку 15 отсто, а млекото и млечните производи 10 отсто. За шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз се прават анализи


 

Ако цената на 1 март цената на млекото била 76 денари за литар, тогаш на 16 март овој производ треба најмалку да биде поевтин за 7,6 денари. Или, ако цената на некој производ опфатен во најновите владини одлуки била 80 денари, тогаш од наредниот четврток, треба да биде најмногу 72 денари. Ова се однесува на цената на тестенините и на млекото и млечните производи за кои Владата денес донесе одлука да се намалат и да се замрзнат цените почнувајќи од 16 овој месец па се до крајот на мај.

За ове денес на прес-конференција детално објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши. Тие апелираа компаниите да ги почитуваат одлуките на Владата и да покажат солидарност со цел товарот на кризата да не падне на грбот на граѓаните.

„Се замрзнува односно се намалува цената на тестенините, при што се предлага намалувањето да се предлага да биде за 15 проценти на цената која се применува во трговијата на мало на 1 март 2023 година односно во просек за околу осум до девет денари“, рече премиерот Ковачевски. 

Станува збор за тестенини, односно за макарони и шпагети, а исто така се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие производи во период од 13 март оваа година до 31 мај 2023 година.

„Исто така се замрзнуваат и цените на млечните производи и тоа трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти, потоа урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал, со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, кисело млеко, павлака и јогурт без додатоци“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои што се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало кои цени се намалуваат за десет проценти. Оваа одлука ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.

„Владата ќе продолжи да носи одлуки кои го штитат стандардот на граѓаните“, рече Ковачевски додавајќи дека одлуките се носат врз основа на анализи кои истовремено ги намалуваат цените за граѓаните, но истовремено им оставаат простор на компаниите да можат непречено да ја извршуваат својата работа.

Министерот Бектеши појасни дека денешните одлуки се продолжение на одлуките од претходната година кога Владата донесе две важни одлуки. Првата беше во јуни, а другата во октомври како дополнување на одлуката во јуни, за утврдување на трговската маржа за трговците на мало и за трговците на големо, при што имаше лепеза на производи кои беа вклучени во оваа одлука, како што се белиот леб и полубелиот леб, шеќерот, сончогледово масло за јадење, брашното од пченица тип 400 и тип 500, макарони, шпагети, од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти, јајца од кокошка, кравјо бело сирење, мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.

„Во однос на сите овие производи разговарајќи со стопанските комори во рамки на јавниот приватен дијалог, одлучивме да преминеме од замрзнување на цени во делот на утврдување на маржите, а паралелно на тоа државата имаше низа мерки за нивна поддршка, како што беше субвенционирањето на електричната енергија“, рече Бектеши.

Тој нагласи дека согласно сите анализи од секторот трговија, но и од стопанските комори се утврдило дека повеќето од компаниите ја користат максималната маржа која е наведена и на некаков начин се здружени се со цел да не ги намалат нивните профити.

„Затоа одлучивме како Министерство за економија во соработка, целосно со претседателот на Владата да го смениме моделот и да одиме на замрзнување на цените на овие производи кои веќе ги наведов“, рече Бектеши.

Тој додаде дека остануваат шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз за кои во наредната недела ќе се направат анализи и ако не се намалат цените и таму ќе се донесат вакви одлуки.

„Затоа денес се носат две одлуки за замрзнување на цените, првата за тестенините каде што ќе има намалување од минимум 15 отсто од цената која ја имале во малопродажба на 1 март оваа година, како и за сите млечни производи кои ги наведов, од минимум 10 отсто од цената која ја имале во малопродажбата на 1 март“, рече Бектеши.

Тој одговори и зошто одлучиле да се оди со проценти – заради тоа што има низа производи кои се произведуваат во нашата држава, а има и производи кои се увезуваат со различни влезни цени затоа сите треба линеарно сразмерно да ги намалат за десет отсто млечните производи.

„Ние за жал немаме домашно производство на макарони и сакам да објаснам како дојдовме до оваа одлука, паралелно со одлуката за намалување на царинските давачки“, рече Бектеши.

Тој појасни дека во делот на макароните многу е важно да се гледаат сите инпути или ставки во утврдување на цената во малопродажба, што значи дека со постоечките царински давачки цената би била околу 49,3 денари за одредени макарони кои се увезуваат, а кои покриваат повеќе од 70 отсто од пазарот.

„Што значи дека ако цената на макароните моментално во малопродажба е 49,3 денари, би требало да е максимум 41,8 денари или околу седум, осум па и девет денари директно намалување само од царинските давачки кои се укинуваат. Дополнително на тоа ние очекуваме уште неколку денари надолу да одат цените заради маржите кои се утврдени со претходната одлука“, рече Бектеши.

Одлуката влегува во сила од 16 март, значи од наредната недела за да им се даде простор на сите увозници и на сите компании кои се занимаваат со продажба и на тестенини и на млечни производи, да ги сменат договорите со кооперантите, но дополнително и со трговците на мало.

Бектеши упати и порака за производителите на млечни производи да не направат притисок до кооперантите за да ги намалат цените на земјоделците, затоа што, како што нагласи, анализите се направени многу прецизно .

„Млечните производи биле утврдени со маржа од 10 отсто на големопродажба и 10 отсто на малопродажба, што значи имале простор од 20 отсто за утврдување на цените и да конкурираат меѓу себе и како домашни производители и како увозници, а ние одлучивме половина од тој простор да го намалиме на 10 отсто, што значи да се намалат нивните профити, а не да направат загуби“, рече Бектеши.

Тој исто така додаде дека во случај ако нема намалување на цените во однос на оние на 1 март, ќе следат и нови одлуки.

„Ова не е закана. Ова е одговорно однесување на влада во време на криза и затоа очекуваме одговорно однесување на стопанствениците, но и солидарност од сите стопанственици во нашата држава се со цел кризата да не биде врз грбот на граѓаните, потрошувачите. Простор за намалување на цените има, имајќи ги во предвид увозните цени и цените со кои тие ги произведуваат своите производи“, рече Бектеши.