Очекуваме да го наплатиме побарувањето од стечајната маса на Еуростандард банка, велат од ФОД

Фондот за осигурување депозити очекува да ги наплати побарувањата кои што ги има од Еуростандард банка и покрај одлуката на Уставниот суд со кој се укина одредбата од Законот за банки, која му даваше предимство на ФОД пред другите доверители на банка во стечај. Од оваа институција, која се смета за еден од столбовите за довербата во банкарскиот сектор, за Независен велат дека очекуваат своите побарувања да ги намират и врз основа на Законот за стечај.
„Фондот за осигурување на депозити својата дејност ја извршува согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити како lex specialis закон. Нема никакви измени во работењето на Фондот. Наша основна цел и дејност, како и до сега, е осигурувањето на депозитите на населението и обесштетување на депонентите во случај на настанување на ризичен настан до законски определениот праг на обесштетување“, велат од Фондот.
Од таму додаваат дека Фондот за осигурување на депозити во законски рок согласно одредбите од Законот за стечај уредно и навремено го пријави своето побарување од должникот Еуростандард банка АД во стечај кое побарување е признато со правосилно решение на судот.
„Тоа значи дека Фондот останува доверител во стечајната постапка која што е отворена врз Еуростандард банка АД Скопје во стечај, односно Фондот не го губи правото да си го намири своето побарување од стечајната маса и согласно законските одредби од Законот за стечај очекува да го намири истото“, нагласуваат од Фондот за осигурување депозити.
Околу дилемите дали одлуката на Уставен суд се однесува и на тековните побарувања во стечајната постапка, односно за оние од Еуростандард банка или пак, на евентуални идни настани, од ФОД велат дека информацијата за одлуката на Уставен суд за укинување на став 3 од член 163 од Законот за банки ја примиле од официјалната веб страница на Уставен суд.
„Очекуваме Одуката да се објави во Службен весник на РСМ кога и истата ќе произведе правно дејство. Содржината на Одлуката сѐ уште не е објавена во Службен весник, ниту на веб сајтот на Уставен суд“, велат од Фондот.
Во дел од јавноста одлуката Уставиот суд се протолкува дека може да ја зголеми премијата која банките ја плаќаат во фондот. Од ФОД велат дека согласно став 2, член 7 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, начинот, рокот на плаќање и висината на премијата ја утврдува Управниот одбор на Фондот.
„Во овој момент Фондот наплаќа премија од 0,25 отсто на годишно ниво, која членките на Фондот, банките и штедилниците, редовно ја праќаат на месечно ниво“, велат од Фондот .
Од таму прецизираат дека вкупниот износ на пресметано обесштетување за депонентите од Еуростандард банка АД Скопје во стечај изнесува 4,177 милјарди денари или околу 68 милиони евра. До 31.03.2021 година преку банките исплатувачи се исплатени вкупно 3,621 милијарда денари или 86,68 отсто од пресметаното обесштетување или околу 59 милиони евра.
„Исплатата на остатокот од обесштетувањето се врши преку четирите банки исплатувачи како и до сега. Целосниот износ на пресметано обесштетување беше дозначен на наменските сметки кај банките исплатувачи пред да започне исплатата на обесштетувањето на 15.09.2020 година. Исплатата преку банките исплатувачи ќе се одвива до 15.09.2023 година, кога истекува договорот за исплата преку банки исплатувачи. Потоа, правото на обесштетување, депонентите ќе можат да го остварат со директна исплата преку Фондот за осигурување на депозити“, велат за Независен од Фондот за осигурување депозити. (М.Ј.)