Објавена методологијата за спроведување на пописот, Симовски се држи до роковите


Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски денес ја престави  Методологијата за подготовка, организација и спроведување на пописот во април. Методологијата е јавна и може да се види на  интернет страницата https://www.stat.gov.mk/Dokumenti/Metodologija_Popis_final_mk_1_chlen.pdf.

Симовски најави дека ќе има најмалку 1.500 попишувачи, вклучувајќи и одреден број од нив како резервни, како  и 50 пописни комисии. Тој апелираше до граѓаните да ја сватат оваа операција многу сериозно бидејќи е во нивен интерес. Во однос на барањата за одлагање Симовски не сакаше да коментира нагласувајќи дека е донесен закон со рокови за пописот што тие мора да го испочитуваат.

За лицата што сакаат да учествуваат на пописот, а се во странство, ќе има последно апликативно решение на страницата на Заводот. Симовски најави дека дури и за нив може друго лице да даде податоци, нагласувајќи дека не може да се даваат лажни податоци бидејќи не е можно да се дадат одговори на сите прашања ако не го познаваат добро, а тие се и лесно проверливи.Услов за самопопишување на оваа категорија на лица, како и на членовите на нивните домаќинства/семејства е Единствениот матичен број (ЕМБГ).

Дали е безбеден тој систем на кој ќе се спроведе пописот за нерезидентните граѓани, беше дилема за која Симовски рече дека апликацијата за тие во странство е  готова и ќе биде во функција од први март. Споед него таа е максимално безбедна и ниту едно лице во Македонија не може да се вклучи во неа. Ќе биде можно вклучување само од странство со посебна процедура и се преземени сите мерки таа да биде безбедна. 

Околу тоа на колку прашања треба да одговорат граѓаните и дали ќе се прифатат непотполните прашалници, Симовски рече тоа зависи од профилот на лицето, дека системски се можни прескокнувања на некои прашања во зависност од одговорите и  ќе се прифаќаат само целосно пополнетите прашалници. 

Запрашан што ако дојде во тивок бојкот, дали ќе бидат релевантни тие податоци, тој нагласи дека тоа е статистичка операција и ако се одбие учество, тоа ќе биде на штета на граѓаните. Во однос на Ковид состојбата, Симовски рече дека е можно пописот да се одржи и надвор од становите, на отворено.    

Со пописот на населението, домаќинствата и становите ќе се обезбедуваат податоци за  вкупниот број и за територијалната разместеност на лица, домаќинства и станови, за нивните карактеристики и  за промените што настанале во периодот од спроведувањето на последниот попис на населението.Основната цел на пописот ќе биде да се утврди бројот на населението и неговиот територијален распоред и  да се добијат податоци за виталните, образовните, економските, етничките, миграциските и другите белези на населението. Пописот е основа за процена на бројот и на движењето на населението во меѓупописниот период, како и за долгорочни проекции на бројот на населението во иднина.

Според методологијата, пописот ќе обезбеува податоци и за домаќинствата и семејствата не само како основни економски заедници (нивната структура според бројот на членовите, бројот на активни, односно издржувани лица, извори на приходи), туку и како биолошки заедници и промените во бројот и структурата на семејствата и нивните главни карактеристики и белези.

Целта на пописот на становите е да се добијат податоци за структурата на станбениот фонд,т.е. да се утврди бројот на становите и да се добијат податоци за нивната искористеност, површината, бројот на соби, опременоста со помошни простории (кујна, санитарни простории), опременоста со електрични инсталации, водовод и централно греење, потоа нивната година на изградба, катноста и др. Од пописот треба да се добијат и податоци за ненаселените станови, како и за становите што се
користат за одмор и рекреација (викенд и семејни куќи).

Со пописот ќе се прибираат податоци и за лицата отсутни во странство над 1 година, со цел да се добијат порелевантни податоци  за бројот на отселените лица од земјата.Исто така, со пописот ќе се прибираат  податоци за општата здравствена состојба на лицата за да се знае  бројот на тие кои поради својата општа здравствена состојба имаат тешкотии во извршувањето на секојдневните активности, според видот и нивната територијална разместеност.

Во Методологијата е дефинирано кој се ќе влезе во вкупното резидентно население, што е најжешкото прашање за јавноста. Во неа стои дека вкупното резидентно население го сочинуваат :
– Лицата државјани со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, без оглед дали во моментот на пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Северна Македонија;
– Лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија подолго од 12 месеци (една година), со одобрение за постојан или за привремен престој;
– Лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини
државјани, а во времето на пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив;
– Лицата што имаат место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, а кои во времето на пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва  во странство, Обединетите нации и нејзините организации,
претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на домаќинствата што привремено престојуваат во странство со наведените лица (независно од должината на престојот во странство по некој од наведените основи).

Освен овие лица, во Вкупно резидентно население спаѓаат и следните лица ако се
континуирано присутни во земјата повеќе од 12 месеци:
– Странците со признат статус на бегалец што ќе се најдат во Република Северна Македонија во времето на пописот;
– Странците со признато право на азил поради супсидијарна заштита, кои во времето на пописот се нашле во Република Северна Македонија;
– Странците со поднесено барање за признавање право на азил што се нашле во Република Северна Македонија во времето на пописот;
– Други лица што ќе се најдат на територијата на Република Северна Македонија во време на пописот (а кои ги исполнуваат претходно дефинираните критериуми). 

Пописот треба да се спроведе од 1-ви до 21 април годинава. Електронската апликација со која ќе се врши попишувањето функционира на 7 (седум) јазици:
македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански. Во пописот ќе има графи за етничка припадност, верска припадност и за мајчин јазик. Методологијата содржи прецизни решенија за сите аспекти од пописот, па има и одредба како ќе се попишува граѓанин кој престојува земјата 11 месеци и 29 дена, што е границата по која не може да се најде во резидентните граѓани.