Обама, Роналдо, Меси, НАСА… Светот се простува од легендарниот Пеле
Во боите на Бразил свети статуата на Исус Христос во Рио де Жанеиро, но и „Вембли“ во Англија
Најдобриот“, „Збогум на најдобриот“, „Вистинскиот најдобар на сите времиња“, ова се само дел одденешните насловни страници со кои светските медиуми се простуваат од кралот на фудбалот, Пеле, кој почина вчера на 82-годишна возраст.
Статуата на Исус Христос во Рио де Жанеиро и стадионот „Вембли“ во Англија, веќе светат во боите на бразилското знаме, а почит на фудбалската легенда му одадоа и бројни организации, федерации, фудбалски клубови, но и политичари и познати фудбалери.
Идниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој ќе стапи на функцијата на 1 јануари 2023, е меѓу првите кои му оддаде почит на Пеле по веста за неговата смрт.
Во објава на Твитер, Лула напиша дека ја има привилегијата да види како игра Пеле.
„Малкумина Бразилци го однесоа името на нашата земја толку далеку како него. Пеле не напушти денес. Тој сега е во друштво на толку многу вечни ѕвезди: Диди, Сократис, Марадона … Никогаш немало дрес со број 10 како неговиот. Ви благодариме, Пеле“, напиша Лула.
Објавувајќи заедничка фотографија со Пеле, се огласи и поранешниот претседател на САД, Барак Обама.
„Пеле беше еден од најголемите кои некогаш ја играле прекрасната игра. И како еден од најпрепознатливите спортисти во светот, тој ја сфати моќта на спортот да ги зближи луѓето. Нашите мисли се со неговото семејство и сите кои го сакаа и му се восхитуваа“, напиша Обама.
Меѓу првите почит му оддадоа и најпознатите фудбалери на денешницата. Меси објави заедничка фотографија, исто како и португалската ѕвезда Кристијано Роналдо.

„Моето најдлабоко сочувство до цел Бразил, а особено до семејството. Само ’зборгум‘ со вечниот крал никогаш нема да биде доволно за да се изрази болката што моментално го опфаќа целиот фудбалски свет. Инспирација за милиони! Наклонетоста што секогаш ја покажуваше кон мене беше реципрочна во секој момент што го споделувавме, дури и од далечина“, напиша Роналдо.
Пред Пеле, фудбалот беше само спорт. Пеле промени сè, се дел од зборовите и на бразилскиот фудбалер Нејмар.
„Пеле го трансформираше фудбалот во уметност, во забава. Тој им даде глас на сиромашните, на црнинците и што е најважно: му даде видливост на Бразил. Фудбалот и Бразил го подигнаа својот статус благодарение на кралот. Него го нема, но неговата магија ќе остане. Пеле е вечен“, напиша Нејмар.

Полскиот фудбалер, Роберт Левандовски, на социјалните мрежи напиша:
„Почивај во мир шампионе. Небото има нова ѕвезда, а фудбалскиот свет загуби херој“.
Се прости и Французинот Килијан Мпабе.
„Кралот на фудбалот нè напушти, но неговото наследство никогаш нема да се заборави“, напиша тој.
Се огласија и од Премиер лигата порачувајќи дека извонредно надарениот Пеле го надминал овој спорт и инспирирал милиони во текот на неговата извонредна кариера.
„Ти благодариме за радоста што им ја донесе на фудбалските фанови ширум светот“, напишаа и од Манчестер Јунајтед.
Од ФИФА порачаа дека целиот фудбалски свет тагува по смртна на вечниот крал, а нејзиниот претседател, Џани Инфантино, порача:
„За сите што ја сакаа убавата игра, ова е денот што никогаш не сакавме да дојде. Денот кога го загубивме Пеле. Што е најважно, кралот се искачи на тронот со насмевка на лицето. Иако знаеше да држи до себе, тој секогаш беше примерен спортист, со искрена почит кон противниците… Неговото наследство е невозможно да се сумира со зборови“.
Европската куќа на фудбалот, УЕФА, пак, го нарече првата глобална суперѕвезда на играта кој „одигра пионерска улога во подемот фудбалот да стане најпопуларниот спорт во светот“.
Се огласи и вселенската агенција НАСА.
„Го одбележуваме заминувањето на легендарниот Пеле, на многумина познат како крал на убавата игра. Оваа слика на спирална галаксија во соѕвездието Скулптор ги прикажува боите на Бразил“, објавија од НАСА.
Веста ја соопшти неговата ќерка, Кели Насименто, објавувајќи фотографија од рацете на членовите на потесното семејство врз телото на Пеле во болница.
„Сè што сме ние е благодарение на тебе. Те сакаме бескрајно. Почивај во мир“, гласи нејзината објава.

Пеле во последните неколку години се бореше со здравствени проблеми со бубрезите и простатата. Имаше и операција за отстранување на тумор од дебелото црево во септември лани откако тој бил откриен при рутински преглед. Неговата здравствена состојба се влоши во последните неколку недели кога кон крајот на ноември беше и хоспитализиран.