НСДП го оддржува Седмиот конгрес со визија за социјална правда, силни институции и европска иднина
Претседателот на Нова социјалдемократска партија (НСДП), Горан Мисовски, од говорницата на седмиот конгрес на партијата порача дека државата се движи во погрешна насока, критикувајќи ја актуелната власт за економска несигурност, поделби и „заробени институции“, додека ја истакна определбата на НСДП за социјална правда, силни институции и европска иднина. Мисовски потенцираше дека партијата во изминатите 20 години покажала одговорност и капацитет за носење тешки одлуки, ставајќи ја државата пред партиските интереси и граѓаните пред политиката.
Говорејќи за улогата на НСДП во изминатиот период, тој нагласи дека НСДП изминатите 20 години покажала дека може да биде одговорна.
– Во овие 20 години покажавме дека можеме да бидеме одговорни, дека можеме да носиме тешки одлуки и дека знаеме како да ја ставиме државата пред партијата, а граѓаните пред политиката. Не бегавме кога требаше одговорност, не молчевме кога беше потребен став и не ја ставивме партијата пред државата. Затоа денес можеме исправено да застанеме пред граѓаните и да кажеме: можеби не секогаш го избравме најлесниот пат, но секогаш се трудевме да го избереме правилниот – рече тој.
Претседателот на НСДП се осврна и на актуелната политичка и економска состојба, оценувајќи дека граѓаните се соочуваат со растечки трошоци и неизвесност, а институциите се под партиско влијание.
– Денес сме сведоци на влада која, наместо решенија, нуди конфликти, поделби и враќање на стари политики на страв и контрола. Слушавме уверувања дека ќе донесат финансиска дисциплина, стабилност и економски напредок. Ништо од тоа не се случи. Цените растат, платите не го следат животниот стандард, а сметките за храна, струја и лекови стануваат товар за граѓаните. Држава во која граѓаните се плашат од следната сметка не е стабилна држава – посочи Мисовски.
Во своето обраќање тој ја претстави и визијата на партијата, истакнувајќи дека клучен принцип треба да биде функционална држава наместо партиски влијанија.
– Нашата визија е јасна: не „твој човек“, туку „твоја држава“. Држава во која правилата важат за сите еднакво, каде успехот зависи од знаење, работа и чесност, а не од блискост со власта. Македонскиот идентитет не се брани со пароли, туку со силна држава, образование, култура и економија. Најголемата опасност за идентитетот не е Европа, туку празнењето на државата и слабеењето на институциите – рече тој.
На конгресот, како што информира Мисовски, НСДП ќе избере ново раководство и ќе усвои три програмски документи – декларации за заштита на трудот и намалување на несигурните форми на работа, како и етички кодекс, кои, според него, треба да постават стандарди за „подобро и поправедно општество“.