Денеска истекува рокот за Реформската агенда, клучните обврски неисполнети
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека не исполнил уште едно од своите ветувања – дека до 1 јуни ќе бидат заокружени сите 10 точки од Реформската агенда од Планот за раст на Европската Унија. Рокот тоа да биде направено истекува денеска, што покажува дека станува збор за уште една, како што велат, голема лага на Мицкоски.
Од опозициската партија, исто така, го повторуваат своето барање за распишување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за патот на земјата кон Европската Унија и чекорите што треба да бидат преземени за напредок на земјата во процесот на пристапување.
Според социјалдемократите, Мицкоски и неговата партија на власт дошле со лаги дека ќе го вратат името на државата без придавката „северна“, дека ќе го укинат Преспанскиот договор и дека ќе обезбедат подобри преговарачки услови, поголеми странски инвестиции и подобар животен стандард, но наместо тоа сега признале дека договорите што ги постигна претходната влада на СДСМ се покажале како добри за државата.
„Најмногу лажеше дека јазикот, културата и македонскиот национален идентитет се загрозени. Што добивме? Признаа дека нема да го вратат името, во „БЈРМ“ или „ФИРОМ“. Мицкоски го нарече Преспанскиот договор ремек-дело на дипломатијата. Гордана Сиљановска-Давкова призна дека јазикот, културата и македонскиот национален идентитет се заштитени и апсолвирани. Тимчо Муцунски призна дека НАТО е ‘феноменална работа’ и дека создава поволна клима за инвестиции“, се вели во соопштението од СДСМ.
Осврнувајќи се на економијата, социјалдемократите обвинуваат дека странските инвестиции паднале за 60 проценти и има влошување на економските показатели, поради што нема зголемување на минималната плата, инфлацијата е многу повисока отколку во ЕУ, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
„Не го вратија името, не го укинаа Преспанскиот договор, создадоа конфликти со соседите, не исполнија ниту еден услов. Доста е со лагите! Граѓаните на Македонија повеќе не сакаат да ја плаќаат цената за Мицкоски и неговата криминална група. Не сакаат тие, нивните семејства и нивните деца да ја плаќаат цената на изолацијата и грабежот. Распишете референдум! Граѓаните сами нека одлучат за својата иднина“, повикуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Што се донесува до Реформската агенда, земјава требаше да исполни 16 реформски чекори до јуни 2025 години. Од нив досега исполнети се шест, а крајниот рок за исполнување на преостанатите 10 истекува во јуни. Неисполнети се клучни реформи, пред се од тие поврзани со правосудството и корупцијата во економијата и политиката, а парите што ни ги даде ЕУ се главно за дигитализацијата на образованието.

Се уште се чека да се донесе новиот Кривичен закон, да се направат реформи во изборното законодавство, да се направи список на државните претпријатија, да се даде законски утврдената висина на сретства на судството и обвинителството, да се опремат институциите за борба против корупцијата и слично.

„Водата навира од различни страни“, рече за „360 Степени“ шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава, Штефан Худолин, симболично опишувајќи ја ситуацијата во која земјава ги брка последните рокови за заостанатите задачи во време кога треба да ги исполнува редовните.

Власта, пак, е оптимист дека ќе исполни најголем дел од заостанатите задачи и уверува дека работи на новите. Аргумент е последниот извештај на ЕК, според кој Македонија сработила најмногу на планот на Реформската агенда во второто полугодие на 2025 година, споредено со своите соседи.
