Филипче: Власта свесно го загрозува европскиот пат
Дали Македонија ќе ги продолжи преговорите со Европската Унија зависи исклучиво од
актуелната власт, која очигледно нема желба да го направи тој чекор, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој останува на цврстиот став дека внесувањето на Бугарите во Уставот на никаков начин нема да го загрози македонскиот идентитет, јазик или која било друга национална одредница.
Во изјава за медиумите пред почетокот на Конгресот на НСДП, лидерот на опозицијата истакна дека власта намерно шири страв меѓу граѓаните за да го блокира процесот кој сам по себе не носи никаков ризик за државата. Одговарајќи на прашањето дали СДСМ е сигурна дека уставните измени се последното барање од Софија и Брисел, Филипче потенцираше дека граѓаните мора да ја знаат вистината за начинот на кој се водат преговорите со Унијата.
„Билатералните прашања со која било земја членка на Европската Унија не се дел од нашата
преговарачка рамка. Тие прашања се решаваат билатерално и никако не можат да влијаат или да го сопрат европскиот пат, односно отворањето и затворањето на кластерите, исто како што
поминала секоја земја која се приклучила во ЕУ“, изјави Филипче.
Тој ја обвини владата предводена од Христијан Мицкоски за манипулација со народот преку глумење патриотизам, слична на онаа од предизборниот период во 2024 година.
„Ова е само уште една лага и манипулација на оваа власт, затоа што сакаат да глумат патриоти
дека се тие на браникот на одбрана на националните интереси на државата, што не е вистина.
Поради тоа што со тоа што не се продолжува европскиот пат, оваа власт на чело со Христијан
Мицкоски националните интереси и иднината на земјата директно ги загрозува“, заклучи
Филипче.
„Власта има обврска да распише референдум, затоа што нема право да го запре европскиот пат на земјата, затоа што излажаа дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и никогаш не кажаа дека ќе го блокираат европскиот пат на земјата“, изјави Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак ги отфрлија овие оценки повторувајќи дека без гаранции нема да има уставни измени.
„Македонија без гаранции од ЕУ нема да спроведе уставни измени. Филипче на својот бугарски претседател да му пренесе дека очекуваме испорака на пресудите од Стразбур“, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
Според него, Македонија поради лековерноста и погрешните политики на СДСМ, предводени од Зоран Заев и Венко Филипче платила прескапа цена со промена на уставното име на државата.
„Затоа, овој пат уставни измени без јасни, цврсти и писмени гаранции во форма на заклучоци од ЕУ – нема да има.Уцени и диктати како што биле прифаќани до сега, со новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да има.Македонија и граѓаните немаат право повторно да бидат излажани. Нема повторно да се прават отстапки без гаранции, без заштита на националните интереси и без сигурност дека тие отстапки навистина ќе значат напредок во евроинтегративниот процес.
Затоа, специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче, нека му пренесе на Радев дека додека не видиме испорака од нивна страна, Македонија нема да се помести ниту милиметар од својата политика“, порача Манасиевски.