Новиот сопственик на „Рамстор мол“ најавува инвестиции од над 100 милиони евра и 700 нови вработувања


Во наредните четири години се планира зголемување на капацитетот на трговскиот центар „Рамстор мол“, проширување на продажната мрежа, изградба на три „Рамстор ритеил парк“, логистички центар на површина од преку 25.000 метри квадратни, нов административно деловен простор, инвестиција во фотонапонска централа, инвестиции во погон за преработка и пакување на прехранбени производи, стратешко партнерство со „Мигрос“ Турција…

 

Мирче Јовановски

Во време кога компаниите кај нас и секаде во светот се соочуваат со огромни предизвици заради пандемијата од КОВИД-19 и поради тоа ги намалуваат трошоците и бројот на вработени, вистинска реткост е влегување во нови инвестиции и најава за нови вработувања. Еден од ретките такви примери кај нас е планот на „Сити Плаза“ на бизнисменот Ајдован Адемоски по преземањето на трговскиот центар „Рамстор“ и истоимениот синџир маркети, во наредните четири-пет години да вложи над 105 милиони евра и да отвори над 700 нови работни места. За ова ќе стане збор и на презентацијата на инвестицискиот план утре во хотелот Хилтон, на која се најавено обраќање на новиот и досегашниот сопственик на „Рамстор“,  како и на други говорници. 

Списокот на инвестиции е навистина импресивен: зголемување на капацитетот на трговскиот центар „Рамстор“, проширување на продажната мрежа на маркети, изградба на ритеил паркови, логистички центар…

„За следниот период, од 2021 до 2025 година, компанијата планира нов инвестициски циклус и диверзификација од досегашното работење со цел да се одговори на променетите услови во опкружувањето, наметнати од кризата со корона вирусот. Анализата на опкружувањето и пазарот укажуваат дека планираните инвестициски проекти имаат пазарна, оперативна и финансиска изводливост“, велат од „Сити Плаза“.

„Вкупната вредност на планираните инвестиции изнесува 105.150.000 евра“, додаваат од компанијата.

Овој голем инвестициски циклус, кој би бил значаен и за многу поголеми земји отколку што е македонската економија предвидува: зголемување на капацитетот на трговскиот центар „Рамстор мол“ и изградба на подземна гаража, проширување на продажната мрежа на „Рамстор“ маркетите, а не помалку значајна а еи најавата дека ќе е зголеми бројот на вработени за дополнителни 700 лица во сите сектори од работењето на друштвото.

Од компанијата исто така највуваат и три „РАМСТОРЕ Retail Парк“ ширум државата на локации каде штто „Рамстор“ не е присутен, потоа 18 нови малопродажни места, изградба и модернизација на логистички центар „Рамстор“ на површина од преку 25.000 метри квадратни развиена површина и нов административно деловен простор „Рамстор“. 

Плановите на компанијата не се ограничуваат само на сегментот на малопродажбата, туку се предвидува и инвестиција во фотонапонска централа (5 MW) во Кочанско.

Исто така, во амбициозниот развоен план се и инвестициите во погон за преработка и пакување на прехранбени производи, како и стратешко партнерство со МИГРОС Турција што подразбира продлабочување на соработката во делот на обезбедување и франшиза на трговска марка „М“ за балканскиот регион која ќе овозможи пристап до странски пазари каде освен „Рамстор“ ќе се вклучат и останати македонски и турски производители.

Во време на здравствена и економска криза, ние одлучивме да инвестираме над 100 милиони евра во нашата иднина и во иднината на нашата држава, вели Ајдован Адемоски

„Во ера на пандемија и во војна која го зафати целиот свет со непознат непријател, во време на здравствена и економска криза, ние одлучивме да инвестираме над 100 милиони евра во нашата иднина и во иднината на нашата држава. Не можеме да се бориме против ова општочовечко зло, против оваа чума со тоа што ќе се затвориме целосно во изолација и ќе чекаме подобри времиња. Подобрите времиња треба сами да ги правиме. Не можеме да дозволиме судбината да ни биде иднина. Таа сами ќе ја градиме“, вели бизнисменот Ајдован Адемоски.

Како што е познато, компанијата на Адемоски „Сити Плаза“ и поранешниот сопственик на „Рамстор мол“, компанијата „Мигрос Тиџарет“ на почетокот на февруари годинава соопштија дека е потпишан преддоговор за купопродажба, а во наредниот период беше потпишан и договорот за пренос на акциите. Со тоа од страна на компанијата „Сити Плаза ДОО Скопје“ беа купени 100 отсто од акциите на подружницата „Рамсторе Бугарија ЕАД“, која поседува 99 отсто од акциите на „Рамстор Македонија“.

Сопственикот на „Сити Плаза ДОО“, Адемоски е добро познат во домашната јавност како еден од најуспешните претприемачи. Тој е сопственик на хотелот „Стоун бриџ“ во строгиот центар на Скопје, како и на трговскиот центар „Капитол мол“ и на хотелот „Хилтон“ во општина Аеродром. Адемоски е претседател на Македонско-турската стопанска комора во Македонија (МАТТО), претседател на Бордот на директори на Меѓународниот балкански универзитет и почесен конзул на Турција во нашата земја. Вкупната вредност на досегашните инвестициски проекти, кои се веќе завршени, надминува 100 милиони евра.

Големото искуство на сопствениците и тимот на „Сити Плаза“ во реализација на големи инвестициски проекти се потврда повеќе дека и овие амбициозни планови ќе се реализираат.

Инаку, холдингот „Сити Плаза“ ја започна соработката со „Мигрос“ Турција уште во 2002 година и од тогаш наваму беше партнер кој партиципираше во деловните одлуки. Сега, како што велат од компанијата, во својство на целосен сопственик на акциите на „Рамсторе Бугарија“ и „Рамсторе Македонија“, планира да го продолжи своето искуство и знаење во понатамошен развој и прилагодување на новите стандарди во вршење трговија и трговска размена.

Фото: Б. Грданоски

„Рамстор“ е еден од најголемите синџири во делот на малопродажбата во земјава, со маркети во најголемите градови.

Овој бренд во Македонија започна со работа во 2005 година (на 10 јуни 2005 година беше отворен првиот маркет во Скопје), како дел од „Мигрос Тиџарет А.Ш“, најголемиот синџир на маркети во областа на меѓународните маркети за малопродажба.

Денес „Рамстор“ ги нуди своите услуги во седум различни градови низ Македонија со вкупно 28 маркети на вкупна површина од 23.883 метри квадратни. Во 2019 година приходите изнесувале 61,9 милиони евра, а остварената добивка била околу два милиони евра. Денес во Македонија има вкупно 750 вработени.

Со плановите кои што ги презентира новиот сопственик на овој синџир маркети, очигледно се најавува уште поголем пробив во делот на малопродажбата во земјава, со што се отвораат и значајни перспективи како во делот на инвестициите, така и за нови работни места.

Адемоски важи за бизнисмен кој гледа напред. Така, во почетокот на јануари тој изјави дека државните економски антикризни пакети се задоволителни, но за да имаат ефект и значење, паралелно треба да се забрза растот преку зголемување на извозот, забрзување на инвестициите и почнување производство со додадена вредност.

„Не е доволно да се затвори 2020 година, неопходно е да се планира 2021-ва. Дури и ако пристигне вакцината, товарот од пандемијата ќе продолжи и во наредните години“, изјави Адемоски, во својство на претседател на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО).

„Време е на храбри одлуки и паметни чекори“, изјави тогаш. Три месеци подоцна, сведоци сме дека тоа не било само фраза, туку јасна визија за развој.