Новиот премиер нема да биде од тие што се слушаат во јавноста?


Откако во коалицијата ќе бидат усогласени предлозите за идната влада, оставката на премиерот веднаш ќе биде доставена до Собранието“, пишува „Дојче Веле повикувајќи се на извори од СДСМ. Според нив, оставката на премиерот Зоран Заев ќе биде поднесена до крајот на неделата и тој нема намера да одолговлекува.Неформално го спомнуваат петок, иако не исклучуваат некој ден плус, бидејќи треба да финишираат  консултациите со коалициските партнери околу новиот мандатар и предлозите на кадри кои треба бидат во новиот владин кабинет.

„Неговата одлука да поднесе оставка од премиерската функција е конечна и непроменлива. За жал, тој не остави никакви дилеми по тоа прашање“, изјавиле изворите од СДСМ за „Дојче Веле“.

„Ноќта по изборите, кога тој соопшти дека ќе поднесе оставка, и самиот напомена дека ‘ќе остане додека треба, за да помогне да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а кое може да биде и уште зголемено’. Тоа е тоа што се реализира сега. И не е во прашање некој голем период, туку во прашање се денови. По заедничката средба со коалициските партнери, Заев започна и поединечни средби со секој од нив. Се прават интензивни консултации за нов мандатар, и за кадрите кои треба да раководат со ресорите на идната влада, а која треба да продолжи со реформскиот и интеграциски курс на земјата. Сите тие нешта треба да бидат усогласени и заеднички прифатени“, велат извори од СДСМ.

Во моментов не се разговарало за непартиски/експертски решенија, бидејќи дел од коалициските партнери биле децидни во заложбата дека треба да функционира исклучиво политичка влада. Доколку поединечните консултации завршат според предвидената динамика, се очекува в петок партнерите повторно заедно да седнат на иста маса.

Ако дотогаш во коалицијата бидат усогласени и потврдени предлозите за идната влада, оставката на премиерот веднаш ќе биде доставена до Собранието.Но, не се исклучува дека е можно оставката „да се измести“ за некој ден, со оглед дека процесот не е едноставен: предлогот за нова мандатар треба да биде усогласен со сите, а не е исклучено дека можеби треба да се решаваат и евентуални меѓупартнерски несогласувања околку одредени кадровски предлози или околу поделбата на ресорите, дополнително и за оние што би го рефлектирале евентуално зголеменото мнозинство, доколку деновиве тоа биде договорено.

„Со ова, премиерот во моментов има многу потешка и поодговорна обврска, во споредба со она што значи формализирање на најавената оставката – чин што неминовно ќе следи откако ќе се исцртаат контурите на новиот кабинет“, велат изворите од СДСМ.Притоа демантираат дека новиот мандатар се бара меѓу имињата на министрите кои досега се вртеа во такви шпекулации, и не исклучуваат дека предлогот би можел да биде „изненадување“.

Највената оставка на Заев вечерта на 31-ви октомври не ги вжештила само телефоните меѓу неговите коалициски партнери. Утрото на први ноември на „Илинденска“ број 2, фреквентно се јавувале и голем број високи претставници на меѓународната заедница. „Хорското“ разубедување на Заев да се откаже од оставката не успеало.