Новинарка на РТЛ отпуштена поради несовесно известување за поплавите во Германија
Новинарка од германската телевизија РТЛ доби отказ откако непрофесионално и несовесно известуваше за подрачје погодено од поплавите што ја зафатија западна Германија.
„Чистење по поплавата: Новинарка на РТЛ помага да се расчисти Бад Мунстерајфел“ – е насловот на телевизискиот прилог на репортерката Сузана Олен.
Но, наскоро се појави видео и од случаен очевидец, каде што се гледа како новинарката намерно се мачка со кал по лицето и облеката. Поплавите однесоа 128 животи во Германија.
„Пристапот на нашиот репортер е во спротивност со нашите принципи и стандарди. Затоа ја отпуштивме посочената новинарка веднаш штом дознавме што сторила“, се вели во соопштението на телевизијата.
Новинарката е отпуштена. РТЛ се извини за потезите на својата доскорешна вработена.