Новинарите во Газа гинат еден по еден, досега убиени 35 (ВИДЕО)


Новинарот на палестинската телевизија, Мохамад Абу Хатаб, беше убиен вчера со 11 члена од семејството во израелски воздушен напад. Неговиот колега Салман Ал-Башир, известувајќи за тоа на арапска телевизија,  ја отстрани заштитната опрема означена со ПРЕС на етер, велејќи: „Не можеме повеќе да издржиме, исцрпени сме. Ние сме жртви. Единствената разлика меѓу нас е времето на смртта. Ние сме убивани еден по друг. И никој не се грижи за катастрофата или злосторството што го трпиме во Газа. Нема заштита за никого и ништо. Оваа опрема и кацига не штитат ниту еден новинар, тоа се само празни пароли. Ние сме жртви, во живо во етер. Ние сме жртви кои чекаат на ред да бидат убиени. Мохамед беше тука пред половина час. Сега тој лежи мртов со семејството во истата болница“, рече новинарот, додека водителката на телевизијата плачеше и не можеше ни да каже збор. 

 Според податоците на межународните организации во Газа досега се убиени 35 новинари што е неспоредливо со која било војна претходно за толку краток период и тие практично се легитимна колатерална мета на Израел.  За ваквиот масакр врз професионалците реагираше денес Комитетот за заштита на новинарите.  

Според официјалната палестинска новинска агенција ВАФА, Абу Хатаб известувал за случувањата од медицинската болница Насер во Кан Јунис и го завршил известувањето еден час пред нападот врз неговиот дом.