Нови бранови мигранти на грчките острови


Грчката влада објави итни мерки за справување со, како што ги нарекува, „огромните бранови“ на баратели на азил кои пристигнуваат од Турција, во услови кога се зголемуваат стравувањата дека може да се повтори мигрантската криза од 2015 година.

Додека преполни чамци со мажи, жени и деца повторно пристигнуваат на егејските острови, новата централнодесничарска администрација вети дека ќе ги зајакне патролите по морските граници, за да се справи со обновената моќ на шверцерите.

„Ние гледаме огромни бранови што ги носат трговците со нови методи и со подобри и побрзи чамци“, рече министерот за цивилна заштита на земјата, Михалис Хрисохоидис, откако беа објавени мерките за време на викендот.

„Доколку ситуацијата продолжи, ќе имаме повторување од 2015 година. Ние ќе преземеме мерки за да ги заштитиме нашите граници и ќе бидеме построги, многу побрзи во нивната примена“.

Тој додаде дека грчката влада исто така ќе апелира до НАТО и ЕУ да помогнат во засилување на патролите во областа.

Наглото зголемување на пристигнувањата на мигрантите и бегалците се чини дека ги изненади официјалните лица. Минатата недела близу 650 лица, меѓу кои и 240 деца претежно со авганистанско потекло, се истоварија за неколку часа на Лезбос, остров во северниот дел на Егејското Море, кој беше на првата линија на бегалската криза пред четири години.

Ударот врз мигрантите во Турција, дом на повеќе од 3,6 милиони раселени Сиријци и обновените борби во Сирија се чини дека го поттикнаа бранот. Во август, турските власти објавија седумкратно зголемување на оние што вршат премин кон Грција. Речиси половина од 56.000 пристигнати бегалци и мигранти во Европа годинава дошле преку грчките острови, според ООН.

Невладините организации ги опишуваат камповите на островите како ужасно лоши за живот. Речиси 11.000 луѓе во моментот живеат во Морија, главната бегалска населба на Лезбос, првично дизајнирана да биде смести најмногу 3.000 луѓе.

Откако еден авганистански тинејџер беше убиен за време на тепачката во кампот минатата недела, Уницеф го крена алармот и рече дека над 1.100 деца биле принудени да издржат „опасни и пренатрупани“ услови во просторите низ цела Грција.

Уште од март 2016 година, кога ЕУ постигна контроверзен договор со Турција за да ги запре приливите, Грција не се соочила со таков прилив на бегалци.

Во петокот грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, го повика турскиот амбасадор во знак на протест.

Во понеделник владата, која ја презеде власта пред два месеци, ќе започне со преместување на бегалците во прифатните центри на копното, во обид да ги олабави камповите на островите. Според Хрисохоидис, ќе бидат преместени околу 1.500 лица, претежно од Самос и Лезбос.

„Ќе почнеме да ги испраќаме илегалните мигранти назад во Турција, која на крајот на краиштата се смета за безбедна земја“, рече Хрисохоидис. „Од 80.000 луѓе кои се во моментов во Грција половина требаше да веќе да бидат вратени бидејќи немаат соодветни документи или не ги исполнуваат условите на барателите на азил. Наместо тоа, само 1.800 беа вратени во Турција“, вели тој.

Но групите за човекови права изразија загриженост, особено поради тоа што новата влада вети дека ќе ги укине жалбите за одбивање азил.

Сепак, Хрисохоидис тврди дека под Сириза, поранешната левичарска влада, особено „лабавиот пристап“ бил преземен за процедурите за азил што требало да се решат.

„Во отсуство на доволно државни лекари на островите, приватните лекари ќе делеа документи што ги категоризираат сите како ранливи, што придонесе многу за Грција да стане толку привлечна дестинација за шверцерите“, рече тој.

Хрисохоидис, донесен од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за да ја преземе функцијата што ја извршуваше прв пат пред две децении, се обиде да ги смири стравувањата дека властите се подготвени да извршат масовен удар врз мигрантите, велејќи дека целта на владата е целосно да ги интегрира бегалците. „Не сакаме гето-кампови. Барателите на азил ќе ги уживаат сите свои права според меѓународното право во Грција“. (Гардијан)