Нов изборен модел полесно ќе помине во ДИК отколку кај партиите


Нова средба на работните групи на партиите за измена на Изборниот законик се најавува до крајот на оваа седмица, за да се усогласат ставовите пред одржувањето на предвремените парламентарни избори во април следната година.

По подолга пауза, работните групи на власта и на опозицијата ќе се состанат во Министерството за правда, според информациите, предводени од потпретседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Дамјан Манчевски и Александар Николоски. Првичните очекувања од обновувањето на разговорите за новите изборни правила не се многу високи. Односно не се исклучува промените да се сведат исклучиво на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР од последните изборни циклуси во земјава.

Голема е веројатноста амбициозно најавуваните промени на изборниот модел и за овие избори да останат само најава, со оглед на различните позиции на најголемите партии по ова прашање. СДСМ и помалите партии се залагаат за една изборна единица, со можност  за воведување отворени листи; ВМРО-ДПМНЕ е за враќање на мнозинскиот модел со 120 изборни единици; ДУИ е за останување на досегашниот концепт за парламентарни избори, додека опозициски партии од албанскиот блок предлагаат задржување на пропорционалниот модел, но со три изборни единици…

Ограничувачки фактор е  временскиот теснец што се создаде со поместување на изборниот термин шест месеци порано од првично предвидениот рок за одржување на десеттите парламентарни избори, за кои Владата планираше да бидат редовни сè до неуспехот на земјава да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Иако проценките на партиите се дека, ако се предвиди нов изборен модел ќе биде потребно да се остави повеќе време за негово приспособување и спроведување избори, од ДИК велат дека не им е проблем да организираат избори според каков било модел и во кое било време.

– ДИК е подготвена да спроведе парламентарни избори по кој било модел за кој би бил постигнат договор меѓу политичките партии, вклучително и за модел со отворени изборни листи – изјави претседателот на Комисијата Оливер Дерковски.

Тој додаде дека ДИК функционира континуирано и е подготвена да го спроведе она што ќе го договорат политичките партии.

За тоа кој изборен модел би бил најдобар, Дерковски рече дека неговото мислење во суштина не е релевантно бидејќи тоа е договор на политичките партии.Избирачкиот список, според Деркоски, е во ред и во него нема т.н. фантомски гласачи.

– Тоа е материја што постојано и континуирано се чисти, прочистува и обработува. Како што ги добиваме податоците од МВР на квартално ниво, така ги обработуваме. Се разбира дека во список во кој има над 1,8 милион избирачи ќе може да се најде некоја недоследност, но сето тоа е сведено во една разумна рамка. Ние постојано работиме и во овој момент кога е празен период и нема избори работиме на прочистување на Избирачкиот список – рече Деркоски.

Во врска со гласањето на дијаспората, претседателот на ДИК, вели дека како Комисија би сакале да има промени, но во рамки на овозможување нови начини за гласање, за, како што вели, да се заштедат финансиски средства.

Всушност, новиот концепт на ДИК беше едно од клучните прашања што требаше да се уредат со измените во Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но и забелешките од извештајот на експертскиот тим на ЕК предводен од Рајнхард Прибе. Меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, всушност, беше постигнат  начелен договор ДИК во иднина да функционира како административно тело, односно како дел од државната администрација, така што партиите би се вклучувале со свои претставници во ова тело само неколку месеци пред одржување на избори и тоа во улога на набљудувачи без право на глас.

Но, според проценките, многу веројатно е дека и оваа промена ќе биде одложена за следните избори во земјава, односно локалните во 2021 година, како и дека  претстојните парламентарни избори ќе ги спроведе актуелниот состав на ДИК, кој беше избран летото минатата година – тогаш со мандат од само шест месеци, затоа што немаше кој да го спроведе референдумот за името. Но, овој состав на ДИК ги спроведе и претседателските избори, откако претходно му беше продолжен мандатот  до избор на нов состав на ДИК, но не подолго од две години, што би значело до почетокот на 2021 година.

ДИК вчера го промовираше Извештајот за мониторингот на претседателските избори во 2019 година спроведен од страна на набљудувачи со попреченост. Во овој извештај се констатира дека многу проблеми, тешкотии и ограничувања ги спречуваат лицата со попреченост да учествуваат во изборните процеси на еднаква основа со другите, што придонесува овие лица да бидат најподложни на дискриминација и стигматизација, непочитување и кршење на нивните основни права и слободи. Благица Димитровска, претседателка на „Инклузива“, истакна дека како здружение препорачуваат Владата да преземе мерки за усогласување на законодавството со Конвенцијата на ОН, да се направат измени во Изборниот законик за обезбедување право на глас на лицата со попреченост кои живеат во установи или центри за рехабилитација, во местото на живеење, како и да се воведе критериум за пристапност до објектите каде се организира гласање. Се бара и веб-страницата на ДИК да биде достапна за лица со попречености, да се направи едукација на избирачките одбори во однос на правата на лицата со попреченост, а ДИК да воведе посебна евиденција за овие лица како гласачи. (А.М.М.)

ЛДП пак размислува да оди сама на избори

Како и пред неколку месеци, кога ЛДП најавуваше можен самостоен настап на годинешниве претседателски избори, така и во ова предизборие од оваа партија не исклучуваат можност на парламентарните избори да настапат надвор од досегашната коалиција со СДСМ. Сепак, за претседателските избори, ЛДП не ги реализира плановите за настап со свој кандидат, туку повторно го поддржа претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски. Овој пат, претседателот на ЛДП, Горан Милевски, бара промена на изборниот модел, така што ќе има само една изборна единица, што се смета за концепт кој посебно им одговара на помалите партии за да може да одат сами на избори и да обезбедат пратенички места.

– Апелираме до другите партии да се промени изборниот модел бидејќи тоа се најави од лидерската средба кај претседателот на државата. Меѓутоа, помина една недела и тоа прашање останува отворено. Инсистираме да има една изборна единица без праг. Или, ако нема консензус за тоа, тогаш бараме на постојниот модел од шест изборни единици да има отворени листи бидејќи сите се залагаат за отворени листи, а велат дека е невозможно тоа да биде со една изборна единица – изјави Милевски.

ЛДП, според Милевски, сè уште не донела дефинитивна одлука како ќе настапува на следните избори. За партијата, вели Милевски, има две алтернативи, или самостоен настап или продолжување на актуелната коалиција.

– Но, за да продолжиме коалиција треба да има договор за што ќе се залагаме понатаму. Исто така, многу е значаен изборниот модел и начинот на избор на пратеници. Граѓаните очекуваат тие да си ги избираат пратениците, не политичките лидери. Мислам дека не смееме да им ја земеме таа шанса на граѓаните бидејќи сакаме да ги мотивираме да излезат на изборите – рече Милески.