Ниската излезеност на изборите е „жолт картон“ и од работниците

Македонскиот работник со години е на минималец, максимално искористен, понижен и обесправен. Загрозени права за користење годишни одмори и боледувања, мобинг на работното место, доцнење плати, страв од лесно доделен отказ, недостиг од социјален дијалог со претставниците на вработените…Таква е положбата на македонскиот работник, кој оптоварен со кредити и зашеметен од притисокот на извршителите не знае што попрво да плати – дали струја, телефон, школување на деца, храна, облека… Ситуацијата, според познавачите, ја усложнуваат неспособните синдикални раководства, навивачката улога на државата кон газдите, алчните стопански комори, корумпираните трудови инспектори, неправичните и лесно поткупливи судии…

Сите на протест… ние на скара

На прагот сме на уште еден Први мај кој се одбележува како ден на борбата за основните човекови права на секој работник. Или, во слободен превод, ден на борбата за право на живот достоен за човекот. Меѓутоа правата на работникот кај нас очигледно никому не му се битни. Па, ниту на самите работници кои практично немаат надеж дека нешто ќе се промени, па ѝ се предаваат на својата судбина. Затоа, Први мај кај нас стана уште една оправдана причина тој ден сите добро да се најадаме и добро да се напиеме, а подоцна да се завалиме во некоја добра сенка.

Синдикатите, во кои работниците дефинитивно ја имаат загубено довербата, повикуваат на протести кои се традиција од 1889 година. Тогаш на стогодишнината од Француската револуција, на првиот Конгрес на Втората работничка интернационала едногласно е одлучено од 1890 година на 1 мај да се одбележува чикашкиот масакр со мирни поворки како знак на значењето на работникот во цивилизациските достигнувања. Демонстрантите во Чикаго три години претходно носеа транспаренти со три осумки, што значеше осум часа работа, осум часа одмор и осум часа сон. Протестите беа завршени со крвав исход, а некои од организаторите се осудени на смрт.

ССМ на една страна, КСОМ на друга

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги повикаа сите членови, работници и граѓани да се придружат на синдикалниот марш кој ќе почне во 11 часот пред зградата на ССМ. Мотото на синдикалниот марш – „Не може да се одлучува за нас, без нас“, велат од Сојузот, ги обединува и претставува сите работници и граѓани. Како приоритети ги истакнуваат: Договори за вработување на неопределено време; крај на договорите на определено време подолго од 1 година; 12 месеци породилно отсуство; минимална плата најмалку 13.800,00 денари; пораст на платите, регрес за годишен одмор за сите; стоп за зголемување на границата за пензионирање; здрави и безбедни работни места; стоп за мобинг и дискриминација; стоп за мешање во синдикалното организирање; унапредување на колективното договарање…

Први мај е заеднички празник на сите земји, на кој работничката класа треба да манифестира единство во своите барања и своја класна солидарност. Тоа, според познавачите нам ни недостига, а отсуствува и вистинска традиција на синдикално организирање, како да речеме, во Грција, Шпанија, Франција… Работничките права, велат од синдикалните организации, се подлога на сите други граѓански права бидејќи луѓето ја обезбедуваат својата елементарна егзистенција преку својот труд. Работниците сега имаат повисока свест за своите права и за начините на манипулација од страна на работодавачите, но нивната неорганизираност стои како карта во ракавот на работодавачите.

Утре протести организира и Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), но на друга страна од градот. Тој ќе започне во 10 часот пред Македонската радио-телевизија, а потоа учесниците ќе маршираат кон зградата на Владата.

Според првиот човек на КСОМ, Марјан Ристески, ССМ ништо не променил во својот утврден начин на дејствување како приврзок на која било власт. „Залудно се менува претседателот кога структурите остануваат исти. Уживаат да се во друштво со министрите. Тоа е чипот кој не е променет 50 години. Во овие две години од промената на власта не е потпишан ниту еден колективен договор. Се надевам дека во скоро време тоа ќе се направи во одредени гранки. Од исклучителна важност е и Законот за работни односи. Тоа е срцето на правата и обврските на работниците и на работодавачите. Според актуелниот Закон, на пример, работодавачот може цели пет години да го држи работникот под договор на дело. Тоа го нема никаде. Во тек се измени за кои ние не сме консултирани“, вели Ристески.

Според него, почитувањето на работничките права, кои, исто така, се човекови права, е императив за правдата и секое отстапување од социјалната и работничка праведност кај луѓето и кај работниците инстинктивно создава револт.

„Малата излезеност на претседателските избори во одреден дел се должи и на тој револт кај работниците“, смета Ристески.

Разлики меѓу јавниот и приватниот сектор

Според познавачите, во однос на проблемите со кои се соочуваат на работното место треба да се прави разлика меѓу вработените што работат во јавниот сектор и оние што работат во приватниот сектор. Во државните претпријатија главно се почитува законот. Вистинско чудо, помалку на шега велат упатените, е некој да работи активно полно работно време, а потоа некој да го праша за резултатите. Од друга страна, проблем кај оваа категорија работници претставуваат уцените и често мобингот.

Кај работниците во приватните фирми проблемите се поголеми, а пред сè доцнење на платите, лесно врачување откази поради тоа што голем е процентот на вработени со договори на дело. Анализата направена неодамна од „Фајнанс тинк“ покажа дека 17,8 проценти од работниците во државата, кои имаат формален договор за вработување, добиле плата во плик, односно плата на рака. Најпогодени се работниците кои земаат минимална плата, односно 62 проценти од вработените кои се осигурени на минимална плата, добиле плата во плик. Притоа, во просек, платата во плик изнесува скоро исто колку и формалната плата на сметка.

Гледано по занимања, анкетата покажува дека 23,2 проценти од мајсторите во металната, машинската, текстилната и прехранбената струка и 21,5 проценти од вработените во услужните дејности примаат плата во плико. Според „Фајнанс тинк“, решавањето на овој проблем бара долгорочен напор насочен кон градење договор меѓу државата, работодавачите и работниците, а за да се намали и искорени оваа појава потребни се мерки на казнивост и мерки на мотивација и едукација.

Во некои приватни фирми, особено на истокот на земјата, работниците работат и по 12 часа, шест дена во неделата и тоа за минималец. Тоа значи дека тие работат и по 60 часа неделно, а во повеќето европски земји неделното работно време е 36 часа.

Според извештајот на Народниот правобранител, изминатата година за околу 60 отсто е зголемен бројот на поднесени претставки за заштита на правата од работен однос, при што најголем број претставки се поднесени за повреда на правата во постапките за вработување, исплата на плати и други надоместоци, распоредувањата, за престанок на работниот однос, постапки по жалби и приговори.

Премиерот Зоран Заев за време на претседателската кампања во неколку наврати кажа дека социјалдемократската влада што ја предводи постојано работи да се подобри положбата на работникот, која ни оддалеку не достоинствена. Факт е дека за една година просечната плата пораснала за четири отсто, а за една деценија за 20 отсто. Сепак, македонскиот работник останува на европското дно во однос на просечниот личен доход кој не е доволен да ја наполни минималната кошница на четиричлено семејство, која со зголемување на основните животни артикли изнесува близу 33 илјади денари. Овие податоци покажуваат дека доколку во четиричлено семејството има двајца вработени со минимални плати, ќе им недостигаат околу 100 евра за задоволување на основните потреби.

Поразителни се и најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), според кои, стапката на сиромаштија бележи континуиран раст. Во 2017 година таа изнесува 22,2 отсто или околу 460.300 илјади граѓани, односно речиси една четвртина од населението е сиромашно. Во 2015 година оваа бројка изнесувала 445.200 лица или 21,5 отсто, додека во 2016 година 453.200 или искажано во проценти 21,9 отсто.

Наум Котевски