Николоски: Дали Бугарија би дозволила да се отвори филијала на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“


Денес потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски оствари средба со граѓаните во општина Сопиште, при што потоа одговори и на прашања поставени од медиумите, соопштија од партијата. Едното од прашањата беше како коментира за новиот универзитет „Свети Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново.

„Имам две работи што би сакал да ги кажам. Прво, апсолутно мислам дека е корисно да се развива соработка на научен план, за тоа што науката е она што треба да ги обединува жителите, не само на Балканот туку и во цела Европа и најдобрите да одат напред. Но, она што ме загрижува е начинот на кој што ова се прави, од проста причина што од сите универзитети кои што ги има во Бугарија се избра токму овој универзитет кој што има исто име со најголемиот универзитет во Македонија „Свети Кирил и Методиј“, на кој што голем број генерации се образувале и се образуваат.  Најголем дел од нас го стекнаа своето високо образование таму. И навистина на овој подмолен начин да се подриваат темелите на најголемиот македонски универзитет мислам дека е за секаква осуда“, истакна Николоски.

Николоски посочи дека не гледа ниту реципроцитет. На пример не се виде дека било кој од македонските универзитети му се дозволува да отвори своја филијала во Бугарија.

„Еве, да прашам дали мисли Зоран Заев и Владата дека би дозволиле во Софија да се отвори филијала на битолскиот универзитет кој што се вика „Свети Климент Охридски“ и го носи истото име како најголемиот универзитет во Бугарија. Мислам дека Бугарите не би ни помислиле да дозволат такво работа камо ли да ја направат“, рече Николоски.