Никарагва ќе го спроведува планот на Ортега за укинување на изборите, стигнаа критики од ОН и САД
Парламентот на Никарагва најави дека ќе го спроведе планот на претседателот Даниел Ортега за прекин на одржувањето избори во земјата, што предизвика нови критики од меѓународната заедница.
Конгресот на Никарагва што е под целосна контрола на Ортега и неговата сопруга, копретседателката Росарио Муриљо, во соопштение наведе дека најновите уставни измени ќе обезбедат „мир, безбедност и стабилност“ во земјата.
Ортега изминатиот викенд изјави дека „повеќе нема да има избори“, со што најави продолжување на неговото повеќедецениско владеење и анулирање на каква било можност опозицијата да дојде на власт.
Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Тирк, го критикуваше најновиот развој на настаните, нагласувајќи дека „луѓето со различни политички ставови мора да имаат право на глас и право да се кандидираат за јавни функции“.
„Последните случувања дополнително ги продлабочуваат сериозните ограничувања на основните слободи, го намалуваат просторот за дејствување на граѓаните и ја влошуваат долгогодишната ерозија на владеењето на правото“, изјави Тирк.
Владата на Никарагва на критиките одговори кратко: „Ви благодариме што покажувате интерес“.
Претходно реагираше и американскиот државен секретар, Марко Рубио, кој оцени дека идејата на Ортега и Муриљо за целосно отстранување на изборите од политичкиот живот на Никарагва ја открива нивната „вистинска авторитарна природа“.
„САД ја повикуваат меѓународната заедница заеднички да и покаже на диктатурата на Муриљо-Ортега дека не може да очекува, како ништо да не се случило, да продолжи да соработува со други земји додека ги урива темелите на нашата демократска хемисфера“, изјави Рубио.
По насилното задушување на протестите во 2018 година, властите под контрола на Ортега спроведоа широка пресметка со противниците. Беа уапсени опозициски политичари, верски лидери и други личности, а илјадници организации на граѓанското општество беа затворени.
Парламентот во повеќе наврати го менуваше Уставот, со цел Ортега да концентрира поголема моќ и да ги намали можностите за демократска независност и политички плурализам во земјата.
Изјавата на Ортега од неделата, дадена на годишнината од Сандинистичката револуција, практично значи откажување на претседателските избори што требаше да се одржат во ноември 2025 година.
Претходно, во јануари минатата година, Парламентот го продолжи претседателскиот мандат од пет на шест години.