Ние работиме со тело, ни треба допир: Искрено со Рисима Рисимкин на Светскиот ден на танцот


Лејла Сабит

Фото: Андреј Гиновски

Мојата професија е мојот живот. Ако ја изгубам професијата, како да не постојам. Танцот, уметничкиот изразен танц, по својата форма е во конфликт со подразбирањето на понатамошната комуникација според сите можни аспекти кои ни се предочуваат. Ние работиме со тело, ни треба допир, вели во интервјуто за nezavisen.mk Рисима Рисимкин, почитуван кореограф, токму на Светскиот ден на танцот.

Вели, овој период е многу специјален, ќе се одржуваше 16-тото издание на фестивалот Танц Фест кој е презакажан за наесен. Сега со специјално видео ќе го одбележат Светскиот ден на танцот и „ова е момент повеќе од било кога да танцуваме со цел, да го потсетиме светот дека човечноста навистина постои“, како што напиша во годинешната интернационална порака-Грегори Вујани Маќума, кореограф од Јужна Африка.

Како го доживеавте коронавирусот? Колку вонредната состојба и полицискиот час ви влијае на секојдневниот живот?

– Во оваа фаза на изолацијата, кога сме повеќе од месец и половина во неможност да твориме и да ги исполнуваме своите обрски, пловам низ испитувањето на основните постулати во уметноста, како и на нашето секојдневно живеење. Животот од корен ни се менува. Имаме потреба да ги преиспитаме вредносните системи, уметноста, културата на живеењето, како свет кој го познаваме и за кој се подготвуваме целиот наш живот. Општеството се менува пред нашите очи, сите категории се поместени.

Во реалноста: за нас овој период е многу специјален, ќе се одржуваше 16-тото издание на фестивалот Танц Фест.

 Како го одржувате внатрешниот мир и оптимизмот?

– Хемингвеј вели дека ниеден човек не е остров. Не е сам. Ние сме дел од еден систем, општество, култура, па, ако сакате и цивилизација. Ова не е време во кое ќе се фокусираме на некоја работа и ќе помине се. Времево и ситуацијата бара од нас да размислуваме, генерално каде ќе одиме и како ќе продолжиме. Ова е време на промени. Треба да најдеме нови начела, на нов начин да го гледаме и согледуваме светот.Такви процеси водат кон големи промени во разбирањето на културата на живеењето, градењето односи, но и потреба од искажување. Сега сето она кое го знаеме и познаваме, станува ништавно во новата ситуација. Ќе градиме нов систем на вредности и начин на живеење. Уметноста ќе тргне по непознат пат.

На кои лекции не (не) научи пандемијата ?

– Па, се уште не сме завршиле со учењето. Основната лекција е дека природата во еден миг може да ни ја покаже сопствената моќ. Во време во кое целиот свет се натпреварува за поголема моќ, контрола и материјална добивка, природата ни кажува, не се играјте, немоќни сте.

Како да се зачува здравиот разум во свет кој никогаш повеќе нема да биде ист?

– Не знам каков ќе биде светот понатаму. Ист, полош, подобар. Дефинитивно ќе се смени перцепцијата на возможното и невозможното. Тоа отвора нови хоризонти. Уметноста ќе изнајде нови аспекти на промени. На што ќе се темелат тие вредности, ќе видиме. Технологијата, колку што ни овозможува конформ и напредок, уште повеќе, не оневозможува на некој начин. Ние сме како честички, кои се носени од ветерот, не знаеме каде ќе застанеме и како тој свет кој го познававме ќе изгледа после бурата.

Како е да се биде кореограф во изолација? Дали заканата од вирус влијае на креативноста, во смисла ја потикнува или ја намалува?

– Мојата професија е мојот живот. Ако ја изгубам професијата, како да не постојам. Танцот, уметничкиот изразен танц, по својата форма е во конфликт со подразбирањето на понатамошната комуникација според сите можни аспекти кои ни се предочуваат. Ние работиме со тело, ни треба допир. Социјалната дистанца е погубна за танцувањето, какво што го знаеме. Каде и кон што ќе одиме, како ќе се продвижуваме, не сме сигурни. Ова е време кое покрај тоа што не овневозможува, не поттикнува на размисла за идните правци во кои ќе се движи комплетната уметност. Креативноста сега поинаку ќе ја модифицираме. Како? Ќе видиме.

Ова е време на виртуелна култура, кога културните институции се затворени, и тука и во светот, се прават виртуелни тури низ уметнички галерии и музеи, а претстави и концерти и ревии се емитуваат онлајн или на јутјуб. И вие како Танц-фест се вклучивте со онлајн претстави на Јутјуб, потенцирајќи ја важноста од самоизолација, седејќи дома.Колку тоа ќе влијае на духот на секој поединец, на публиката и на вработените? 

– Па, во време на виртуелна култура и ние стануваме виртуелни. Сепак приказот на настани, претстави и други форми кои во моментов ги следиме виртуелно, се создадени во, како што сега би рекле ’нормални’ услови, во реалноста. Ние се уште не твориме виртуелно, уметноста се уште ја нема најдено виртуелната димензија. Во овие услови, кои ќе ги наречам, преодни, нормално е секоја компанија, манифестација или организација од културата, која држи до себе и има потенцијал, архиви и долгогодишни остварувања, да сака да ги сподели истите со светот. Тоа не прави повторно живи, иако е привидно, т.е. виртуелно. Скопје танцовиот театар, како единствена компанија кај нас од областа на современиот танц, со задоволство стави онлајн дел од својата архива, со цел да сме поблиску до публиката, која не сака и следи.

Целава ситуација има генерално негативно влијание во секојдневниот живот. Ние не сме исклучок. Се надеваме дека кога ќе заврши, луѓето со полн ентузијазам и оптимизам ќе се вратат како наша публика. Но оваа ситуација ја потенцираше и нехуманоста, недостатокот на емпатија и солидарност во нашето живеење и тука мислам на светско ниво. Трагично е кога ќе сватиме дека луѓето се изгубија во трката со времето, технологијата, моќта. Сигурно уметноста ќе има свој одговор на оваа ситуација. Треба време, но уметноста е единственото нешто што, според мене, дава можност за надминување на моментот, уметноста ќе го спаси светот. Како уметник ги преиспитувам концептите, смислата и опстојувањето. Без креација, животот се сведува на проста егзистенција, која за уметниците секогаш е дискутабилна и повод за размислување.

Kаде ја гледате иднината на современиот танц?

-Танцот постои од праисторијата и секако ќе опстане. Како? Ќе видиме. Сметам дека зборовите кои Грегори Вујани Маќума, кореограф од Јужна Африка, потписник на годинешната интернационалана порака по повод Светскиот ден на танцот, е одличен приказ на моментот во кој живееме.

Тој вели: „Живееме во моменти на незамисливи трагедии, време кое најдобро можам да го објаснам како пост-хумана ера. Повеќе од било кога, потребно е да танцуваме со цел, да го потсетиме светот дека човечноста навистина постои“ .

Кои ангажмани моравте да ги откажете?

-Не откажавме ништо, се презакажавме. Танц Фест ќе се одржи наесен, како и другите активности на Скопје танцовиот театар. Секојдневно работиме, но, сепак, ништо не може да ја замени секојдневната комуникација во танцот и изведбите пред публиката.

Кој беше ваш последен настап?

-Виртуелно, секојдневно настапуваме. Последната премиера ни беше во декември 2019 година, кога беше презентирана работатa на израелско-германскиот кореограф Јотам Пелад и неговата работа со Скопје танцовиот театар. Одлична претстава, полна публика и одлични одзиви. Во овие моменти сме присутни преку нашите снимки од претстави, а подготвивме и специјално видео за да го означиме Светскиот ден танцот – 29 април.

https://youtu.be/j_giM1TUuck

Се слушате ли со пријателите низ светот? Какво е нивното искуство?

-Уметничките релации се незаменливи. Секојдневно комуницираме, една голема група уметници ширум светот. Сите се соочуваме со исто- неможноста да продолжиме со и во уметноста и сите ги чувствуваме промените, кои не знаеме каде ќе не одведат. Новите хоризонти не се отвораат без голема бура, се чувствуваме како да сме во вртлогот на торнадото. Се трудиме да изнајдеме нови начини. Не е едноставно.

Што ќе направите прво кога ќе се нормализира ситуацијата?

-Ќе се вратиме во студио и на сцена. Потоа, се друго.