Невремето го блокира поморскиот сообраќај во Албанија
Невремето проследено со силен ветер обилни и интензивни врнежи од дожд предизвикаа проблеми во поголем дел од земјата, посебно во крајбрежниот дел.
Поради силниот ветер и високите бранови одложено е испловувањето на траектите, но и сите пловни објекти, за кои е издадена наредба да се закотват во пристаништата, се до нова наредба од страна на капетаниите.
Невремето посебни проблеми создава и на патните правци низ земјата на кои има одрони, а од откорнати дрвја има и прекин во сообраќајот.
На влезот во Трипорт кај Валона големо дрво паднало врз возило во движење, но за среќа причинета е само материјална штета на истото. Сообраќајот кон овој приморски град бил во прекин повеќе од половина час, додека полицијата и противпожарна екипа го отстраниле паднатото дрво.
Невремето предзвика прекин во снабдувањето со електрична енергија, а предизвика и штети на овошните садници.
Според проценките на надлежните обилните дождови и топењето на снегот во планините видно ќе ги зголеми нивоата на реките и вештачките акумулации, посебно на каскадата на реката Дрим, во северниот дел на земјата, поради што е можно да дојде до излевање на реките од коритата и прелевање на шахтите.
Жителите од северниот дел на Албанија стравуваат од поплави, кои се редовна појава во овој период, речиси секоја годна.