Непал ја укина забраната за социјалните медиуми и воведе полициски час

Непал ја укина забраната за социјалните медиуми и воведе полициски час откако во протестите против корупцијата предизвикани од забраната, загинаа 19 луше.
Владата ја укина забраната за социјалните медиуми воведена минатата недела, изјави портпаролот на кабинетот и министер за комуникации и информатичка технологија Притви Суба Гурунг.
Одлуката доаѓа откако 19 лица беа убиени, а повеќе од 100 беа повредени во протестите „Генерација Z“ против широко распространетата корупција во понеделник.
Властите, исто така, воведоа полициски час во метрополитенската област Катманду за да ги спречат понатамошните протести, изјави Чхабилал Риџал, администратор на округот во градот.
„Нема да бидат дозволени протести, масовни собири или состаноци за време на полицискиот час“, рече тој.
Објавата дојде откако демонстрантите ги повикаа луѓето да се приклучат во колективно изразување на тага за демонстрантите кои загинаа во понеделник.
Организаторите на протестите, кои се проширија и во други градови во хималајската земја, ги нарекоа „демонстрации од генерацијата Z“.
Се вели дека протестите го одразуваат широко распространетото незадоволство на младите поради перципираниот недостаток на владини мерки за борба против корупцијата и зголемување на економските можности.
Службениците велат дека забраната се однесувала на оние социјални мрежи кои не биле пријавени на властите, а сето тоа како дел од борбата против лажните идентитети, дезинформациите и говорот на омраза.