Неочекувана средба на Мицкоски со српскиот премиер Ѓуро Мацут во Охрид


 

Два дена откако очекувано го преживеа гласањето за недоверба во српското собрание, српскиот премиер Ѓуро Мацут без најава допатува во Охрид на разговори со македонскио колега Хрисијан Мицкоски.

За оваа средба немаше најава и за неа информираше Мицкоски на својот Фејсбук профил.

„Во отворен и конструктивен разговор разменивме мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за продлабочување на билатералната соработка, економските односи, инфраструктурното поврзување и заедничките иницијативи што ќе придонесат за поголем развој и просперитет на двете држави“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

На средбата, како што пишува Мицкоски, е потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на пријателските односи, засновани на меѓусебна почит, добрососедска соработка и заеднички интерес за стабилен и просперитетен регион.

Повеќе за разговорите кажа Мацут во неговата изјава по средбата. Тој рече дека со Мицкоски разговарале за теми од стратешко значење за двете земји и за регионот, со посебен акцент на подобрувањето на транспортните и енергетските врски, развојот на инфраструктурата, зајакнувањето на економската и земјоделската соработка, како и создавањето поповолни услови за поинтензивна трговска размена и поголем проток на луѓе, стоки и услуги.

Тој ја истакна важноста од модернизација на железничкиот коридор што ќе ги поврзува Србија, Македонија и Грција, наведувајќи дека имплементацијата на тој проект ќе придонесе за побрз и поефикасен транспорт на патници и стоки, поголема конкурентност на економијата и дополнителна економска интеграција на регионот.

На средбата, според Мацут, биле разгледани активностите за имплементација на гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, како и можностите за проширување на соработката во областа на нафтената инфраструктура.

Мацут изјави дека Србија ја гледа Северна Македонија како сигурен партнер и пријател и дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи да се темели на редовен политички дијалог, меѓусебна доверба и спроведување на конкретни заеднички проекти што носат непосредна корист за граѓаните и придонесуваат за мир, стабилност и долгорочен развој на регионот.

Во српската делегација во Охрид беа тројца министри – за рударство и енергетика, за градежништво, транспорт и инфраструктура и за земјоделство.