Неколку практични совети за да имате негувана градина

Добро е познато дека грижата за растенијата позитивно влијае на човечката психа, а тие го збогатуваат отворениот простор со својот изглед и мирис. Покрај тоа, се повеќе луѓе избираат да одгледуваат зачински растенија или овошки и зеленчук, бидејќи сакаат секогаш да имаат свежи плодови на дофат. Тоа воедно е и мерка за заштеда, па од таа причина на терасите од становите се почесто може да се видат саксии со домати или саксии со босилек и оригано. Градините во двор често се места за садење дрвја како јаболка или грмушки како малини и капини.
Без оглед на видот на градината што ќе ја изберете, голема или мала, со украсни или растенија со плодови, неколку практични совети ќе ви помогнат да изгледа добро негуванаи да блесне во својот полн сјај:
Совети за тревникот
Украс на секој двор и основата на секоја градина е тревник. Тој треба да изгледа негувано и одржувано, што можете да го постигнете со неколку трикови. „Зелениот тепих“ најдобро е да го косите по малку, но почесто. На овој начин ќе ја подобрите густината на тревникот, ќе спречите појава на плевел и ќе го направите да изгледа здраво. Во текот на пролетта, поради поголемата количина на врнежи, тревникот расте побрзо. Затоа е најдобро да се коси еднаш на секои пет дена. Во лето, пак, косењето на тревата е неопходно еднаш неделно, а ако се тропски жештини, без врнежи, дури еднаш на 10 дена. Подолгите влакна од трева ќе ја заштитат почвата од прегревање.
При косење треба да внимавате и на должината на тревките. Најдобро е да се раководите по правило на една третина. Тоа подразбира дека тревата се коси на една третина од нејзината сегашна висина, така што остануваат две третини. На пример, ако должината на тревата е околу 10 сантиметри, треба да се скрати за три сантиметри, а да останат седум.
Од исклучителна важност е и времето кога ќе се коси тревникот. Тревата е најдобро да се коси наутро од 8 до 10 часот или навечер околу 18-19 часот.
Пред косење, се препорачува да се направи круг со косилката, односно да се обиколи градината и тревникот. На овој начин ќе си поставите граници за да не ја зафатите и градината со рози или други растенија со косилката.
Совети за наводнување на растенијата
За да преживеат зелените површини и вашите засадени растенија да растат и да се развиваат правилно, потребна им е вода. Сепак, постојат неколку правила кога станува збор за наводнување на растенијата.
Наводнување на растенијата никогаш не се врши при кога е најжешко и кога сончево зрачење е најсилно, туку кога температурата на почвата е пониска. Најдобро време е рано наутро или навечер, кога сонцето заоѓа.
Многу почесто се случува растенијата да се наводнуваат претерано, отколку да останат суви. Пред следното наводнување, треба да почекате целосно да се исуши почвата или подлогата во саксијата. Во спротивно, почвата ќе се навлажни, а поради прекумерната влага може да се појават габични заболувања. Кога станува збор за растенијата на терасата, најдобро е да користите саксии со дренажни отвори и чинија, за вишокот вода да може да се исцеди.
При наводнување на растенијата внимавајте да не ги намокрите нивните листови.
Совети за кастрење на жива ограда
Живата ограда е еколошки начин да се обезбеди приватност, да се подобри микроклима во дворот, да се намали топлината во текот на летото и да се создаде појас за заштита од ветер. За формирање жива ограда најчесто се користат туја, фотинија, ловор-цреша…Меѓутоа, за да може живата ограда да ја исполни својата улога, таа мора редовно да се полева и кастри.
Живата ограда е најдобро да се крои во есен и/или пролет, бидејќи тогаш температурните услови се добри за обновување на исечените делови. Важно е живата ограда да не се исече предвреме, бидејќи така ќе се отстранат младите зелени ластарки. Искусните градинари ќе се погрижат живата ограда да биде поширока на дното отколку на врвот, односно ширината на долниот дел од живата ограда да биде најмалку 10% поголема од горниот дел. На овој начин долните гранки ќе добијат повеќе светлина.
Зачестеноста на кастрењето, односно дали живата ограда ќе се крои само еднаш или двапати годишно, зависи од тоа за каков тип станува збор. Листопадните живи огради бараат почесто кастрење од зимзелените. Ако живата ограда има широки и меснати лисја, може да се користат градинарски ножици, додека за жива ограда со ситни лисја најдобро е да се користи тример за жива ограда.