Неџат Курт: ТАВ Македонија остава траен белег за подобро утре за пациентите на ГОБ „8 Септември“


Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, денеска по повод реконструцијата и модернизацијата на ГОБ „8 Септември“, изјави дека како финансиски инвеститор на овој проект, ТАВ Македонија остава траен белег за подобро утре за пациентите на Градската општа болница „8 Септември“.

Зборувајќи пред присутните тој рече дека пред многу години, бил пациент токму во оваа болница и добил исклучителна грижа од персоналот и докторите.

„Иако мојата состојба не беше сериозна, навистина чувствував дека сум во сигурни раце“, рече Курт, додавајќи дека за него претставува голема чест што денес е дел од овој настан, кој претставува значаен чекор напред во подобрувањето на јавното здравство во земјата.

Тој посочи дека компанијата инвестирала вкупно 12 милиони евра во реконструкцијата на оваа болница и од денес „8 Септември“ добива целосно реконструиран и модернизиран оперативен блок.

Вкупната површина на реконструкцијата опфаќа 4.334 м², седум специјализирани операциони сали (634 м²), оддел за интензивна нега (460 м²), административни канцеларии (620 м²), кровна конструкција (1.820 м²), оддел за патологија и клинички лаборатории (800 м²), како и придружни простории.

„Додека ги споменувам овие квадратни метри, важно е да се нагласи дека сите овие операциони сали и простории за интензивна нега се опремени со најсовремена опрема и се во согласност со најновите медицински стандарди и препораките на Светската здравствена организација“, рече Курт.

„Како ТАВ Аеродроми, дел од француската групација АДП, веруваме дека нашата одговорност се протега и надвор од инвестициите во развојот на аеродромите. Посветени сме активно да придонесуваме кон заедниците во кои живееме и работиме“, нагласи Курт.

Тој рече дека секој пациент заслужува достоинствени услови за лекување, а секој здравствен работник заслужува современи услови за работа.

„Со оваа поддршка сакаме да придонесеме токму за тоа – подобра грижа, поголема ефикасност и повисок квалитет на здравствените услуги. За нас, ова не е само проект, туку дел од една поширока визија – да бидеме партнер на општеството и активен учесник во неговиот развој“, рече Курт.