Не се само климатските промени: И неконтролираната урбанизација придонесе за трагичните поплави во Шпанија


Шпанските медиуми, како и медиумите низ целата ЕУ, внимателно го следат отстранувањето на трагичните последици од поплавите во регионот Валенсија.

Општ е заклучокот дека властите доцна го предупредиле населението за „страшната, дантеовска закана“, и дека е дозволувана изградба на објекти на критични локации подложни на поплави.

Оваа, во историјата на Шпанија незапаметена трагедија, однесе најмалку 214 животи во ноќта меѓу вторник и среда, а се трага по стотици исчезнати лица. Материјалната штета, според проценките на шпанските весници, ќе се брои во милијарди евра.

Иако националната метеоролошка служба благовремено предупреди, централните и регионалните власти реагирале недозволиво лошо, наведуваат медиумите.

Централната влада во Мадрид дури во сабота испрати 10.000 војници и полицајци за да помогнат во потрагата по жртви и расчистување на тешко погодените населби. Досега таму работеле вкупно 30.000 доброволци, кои на повикот за помош се одзвале во неверојатно голем број, а многумина од нив пешачеле по уништените патишта до местото на библиската поплава.

Многу погодени жители сè уште се без струја, вода за пиење и храна, особено во целосно уништената населба Паипорт, епицентарот на оваа најсмртоносна природна катастрофа во поновата историја на Шпанија.

Медиумите посочуваат дека невидено количество вода и урагански ветрови наврнале на поголеми делови од крајбрежните населби и малите градови, но наведуваат и дека Паипорт, каде што не паднала ниту капка дожд поради немањето брани и одводнување системи, беше погоден од цунами како гром од небото.

Шпанската јавност сега покажува со прст кон негрижата на властите кои ја потцениле опасноста од климатски катастрофи и покрај предупредувањето на експертите дека затоплувањето на планетата и особено на Средоземното Море во голема мера ја менува климата и предизвикува огромни витли на вода и ветрови.

Брановите, налик на цунами, усмртија десетици и разорија цели населби, делумно поради тоа што наместо заштитни насипи и системи за одводнување, се дозволувала изградба на објекти дури и на места со претходни поплави.

Пропустите во урбанизмот и притисоците на градежните лобија, како што наведуваат локалните медиуми, ги наведоа општинските власти да ги олабават прописите и да дозволат се повеќе да се гради.

– Човечки животи се изгубени, големи штети на населбите и економски загуби најмногу се случија поради урбанизацијата, изградбата на станови на бреговите на реките, рече Хозе Марија Бодоке, експерт за хидролошка регулација и проценка на ризик на Универзитетот во Кастиља Ла Манча.

– Посебно е опасно да се гради на рабовите на реките или крајбрежните долини кои служат за одвод на водата во време на високи водостои, објаснува овој експерт.

Бордок предупредува дека „општинските власти, кои замижуваат пред ваквите постапки, воопшто не се свесни за тоа, а оние што граделе или купиле станови или згради, исто така, не гледаат ништо лошо во тоа“.

Граѓаните и јавноста во Шпанија се многу потресени и бараат да се утврди одговорност за пропустите и на централната и на властите на провинцијата Валенсија, па весникот „Паис“ денеска бара оставка од гувернерот на Валенсија, Карлос Мосон, и го поставува прашањето „колку човечки животи би можеле да се спасат ако се дадеше знак за тревога само десет часа пред налетот на водата и ветерот“.