Не престануваат протестите во Белорусија, а Лукашенко скија со Путин
Белорускиот челник Александар Лукашенко, кој шест месеци се соочува со протести против своето владеење, денеска се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
„Не поминува ни еден ден а колегите да не разговараат и решаваат одредени проблеми“, рече Путин на состанокот во Сочи.
Потоа, двајцата претседатели отидоа на скијање.

Како што пренесе телевизијата, тема на разговорите не биле протестите во Белорусија. Аналитичарите очекуваа Путин да ги отвори шрашањата за судењето на опозиционерот Виктор Бабарико, кој беше челник на Гаспром банка во Белорусија.
Лукашенко и Путин последен пат се сретнаа во септември лани, еден месец по претседателските избори во Белорусија кои многумина ги сметаат за наместени и по кои избија масовни протести.
Путин тогаш му даде милијарда долари заем на Лукашенко, а сега смета дека нивната економска соработка е поважна од директната финансиска помош.
Русија го притисна Лукашенко, кого ЕУ повеќе не го признава за претседател, да го смени Уставот на земјата.
Стопанството на Белорусија многу зависи од Русија која му обезбедува нафта и гас. Финансиски послабиот сосед Москва го доживува како тампон зона кон НАТО.