Научниците не веруваат во нов кошмар со корона вирусот, имало Делта или не
Ова е следното кошмарно сценарио: новата варијанта на коронавирусот да ја избегне паметно конструираната одбрана на науката и да почне да се шири неконтролирано, фрлајќи во вода повеќе од една година работа за развој и за администрирање на милијарди дози на вакцини.
Најновата причина за тревога е високоинфективната варијанта Делта, најпрво идентификувана во Индија, која повторно го зголеми бројот на заразени во Велика Британија и Португалија, што натера други на нова рунда ограничувања за патувања. Но, засега, велат експертите за јавно здравје, не е време за паника.
Засега шансите оваа мутација на коронавирус да ги избегне заштитните ефекти на вакцината се чинат мали иако некои варијанти можат да се свртат некаде околу имунолошката одбрана. Главната причина за најновиот скок на инфекции во некои земји всушност не е немањето ефект од вакцините или создавањето неконтролирана нова варијанта, туку фактот дека популациите биле само делумно или воопшто не биле вакцинирани, а некои влади побрзаа да ги ублажат ограничувањата.
Тоа не значи дека властите треба да останат смирени од новите трендови. Прелиминарната израелска студија објавена во понеделникот сугерираше дека вакцината BioNTech / Pfizer е помалку ефикасна во заштитата од инфекција против варијантата Делта. Клучно е, сепак, дека податоците покажаа дека овие вакцини и понатаму се ефикасни 93 проценти против сериозни болести и хоспитализација.
Исто така, постојат докази дека вакцините се помалку ефикасни против јужноафриканската варијанта. И се додека коронавирусот се шири на други места, како Јужна Азија и Јужна Америка, ризикот од понатамошно ширење на варијанти е реален. Овие варијанти за загриженост се преносливи и се поврзани со поголема шанса за хоспитализација.
Бидејќи голем дел од светот сè уште не е вакциниран, можностите за понатамошна мутација на корона вирусот се главна грижа за Дејвид Хејман, професор по епидемиологија на заразни болести на Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина.
Како и да е, „ние сме во добра форма“, рече тој. „За грип чекаме шест месеци за нова вакцина“, заради времето што е потребно за добивање на активна супстанција од ембриони од пиле. Спротивно на тоа, mRNA вакцините можат да се модифицираат и произведуваат за шест недели.
Досегашните податоци од светот сугерираат дека имунитетот што го даваат вакцините се задржува. Ова откритие е олеснување за научниците кои се загрижени за ризикот дека, во теорија, притисокот создаден од заштитата на антителата предизвикани од вакцината може да поттикне посебни мутации што му овозможуваат на вирусот да ги заобиколи вакцините. Ако овој процес се повтори на голем број идни генерации, може да се појави варијанта што може целосно да го избегне имунитетот предизвикан од вакцините.
„Одредени мутации на шилестиот протеин – дел од вирусот што се лепи на целните клетки – ја намалуваат способноста на антителата „да го неутрализираат и запираат вирусот од инфицирање на клетките“, смета Гери Меклин, професор по молекуларна имунологија во Лондон.
Но, тој верува дека еден типичен вирус може да се смени само толку.
„Во еден момент тој ќе удри во ѕид“, додаде тој оценувајќи дека корона вирусот можеби веќе е во тој стадиум. Накратко, постои лимит колку може да се промени вирусот – и со тоа да „избега“ од ефектите на вакцината – и колку може да биде ефикасен во продолжувањето да се шири, објасни тој. Ако вирусот се промени премногу, тој веќе не може правилно да ги инфицира клетките.
„Има точка кога вирусот не може да мутира повеќе затоа што е направено целото мутирање што е можно“, рече тој.
Андреас Радбрух, научен директор во Германскиот центар за истражување на ревматизам и претседател на Европската федерација на имунолошки друштва, исто така верува дека е „крајно малку веројатно дека корона вурусот ќе може да избега од вакцините“. Значи, иако варијантите можат да претставуваат проблем за индивидуалните моноклонални антитела, тешко дека некоја од нив „би ги избегнала ефектите од сегашните вакцини“, објасни тој. Ова е затоа што телото произведува илјадници различни антитела кои се насочуваат кон различните делови на протеинот на вирусот.
„Во оваа смисла, имавме среќа што коронавирусот досега беше компаративно „конзервативен“. За разлика од вирусот на сезонски грип, тој не може „да излезе со комплетно нови протеини што немаат никаква сличност со постојниот“, смета тој.
Во меѓувреме, колку трае имунитетот доделен од постојните вакцини, сè уште е отворено прашање. Додека истражувачите бараат измени во вакцините за подобро да одговорат на циркулирачките варијанти, некои велат дека вакцините од втората или третата генерација засновани на различни варијанти на вирусот може да не предизвикуваат толку силен имунолошки одговор како тие од првата генерација.Во прашање е она што некои го нарекуваат „оригинален антигенски грев“ – склоноста на имуниот систем да создаде посилна одбрана на првата верзија на антигенот со кој се соочува – или преку природна инфекција или вакцинација. Оваа реакција, од своја страна, ја нокаутира способноста на имуниот систем да создаде силна одбрана од мутирани форми на тој антиген. Овој феномен е виден со сезонскиот грип и тоа е постојан проблем зошто треба да се менуваат годишно вакцините за заболувањата од грип – кои се помалку ефикасни од вакцините против КОВИД-19.
„Кога повторно ќе се инфицирате со нов вид, вашите антитела имаат поголема веројатност повторно да се стимулираат, повторно да се испровоцираат за да создадат повеќе антитела против деловите на протеините кои не се променети“, објасни Чарлс Бангам, професор по имунологија во Лондон. Така, имунолошкиот систем создава силна реакција на деловите антигени што ги препознава, засенувајќи го побавниот и послаб одговор на мутираните делови на антигенот што претходно не го сретнал.Сепак, Бангам засега не е загрижен и гледа на ова сценарио повеќе како на „теоретска опасност“.Тој забележува дека антителата можат да препознаат многу делови од шилестиот протеин кои не мутирале и затоа сè уште можат да бидат ефикасни.
Покрај тоа, не само што антителата туку и Т-клетките, исто така, играат важна улога во борбата против инфекциите.
„Тие препознаваат многу други делови од протеинот на шилците“, рече Бангам. Ако некој е природно заразен со Делта, тој исто така ќе реагира на други протеини во вирусот, кои имаат тенденција да мутираат помалку од протеинот на шилците.„Значи, и антителата и Т-клетките се уште се активни не само против протеинот на шилците, туку и сите други протеини во вирусот“, рече тој.
Според гледиштето на Бангам, најдобриот начин да се добие силен имунолошки одговор на вирусот што се развива би било да се дизајнира „поливалентна“ вакцина која содржи делови од варијантата Делта, како и Алфа и Бета (први идентификувани во Велика Британија и Јужна Африка). „Таа веројатно ќе покрие многу голем дел од инфекциите“ денес и во иднина“, рече тој.
Креаторите на политиките сега мора да се справат со комплексноста на делумно вакцинираниот свет.Во Велика Британија, на пример, по првичниот голем пад на инфицираните, инфекциите повторно почнаа да растат брзо. Добрата вест е дека за разлика од претходните бранови на вирусот, смртноста се чини дека попушта. Владата во јуни одлучи да го одложи целосното отворање на земјата, но во понеделникот премиерот Борис Џонсон ги објави плановите за укинување на конечните ограничувања на 19 јули, вклучително и на носењето маска.
Во меѓувреме, другите земји со релативно високи стапки на вакцинација се соочуваат со нови предизвици. Некои, како Полска и Романија, се справуваат со висок степен на скептицизам во вакцините. Дури и меѓу луѓето кои се вакцинирани некои се имунокомпромитирани или страдаат од постојни состојби како дијабетес, што ги прави поранливи.
Дени Алтман, професор по имунологија на Царскиот колеџ во Лондон, смета дека сепак состојбата е различна од „црно-белите дебати“ за време на пандемијата кога илјадници умираа дневно. Сега, креаторите на политиките треба да одберат вистинското ниво на заштита за да се минимизираат смртните случаи нат кај ранливите популации.
„Колку повеќе варијанти се појавуваат, толку се понеизбежни, толку повеќе проблеми може да имаме со луѓето кои немаат доволно добар имунитет“, објасни тој. „Тогаш, останува прашањето: Која е мојата граница кога нешто станува неприфатливо, дали ми треба програма за вакцинација со модифицирана вакцина или ми требаат почести имунизирања“.
„Дебатите се многу посложени, но не мислам дека ќе го правам истиот разговор со тебе за една година велејќи – Боже мој, таа варијанта Зета дојкде како бура и го покори светот “, вели тој.