Народната банка подготвена да реагира ако економијата страда поради корона вирусот


Фото: Б. Грданоски

Економските ефекти од новата вирусна инфекција врз глобалната економија се уште се неизвесни и ќе зависат од траењето и силината на овој неочекуван шок од неекономски карактер, оцени вчера Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка кој ги разгледа клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и поставеноста на монетарната политика. Од НБМ велат дека внимателно ги следат трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето и доколку е потребно монетарната политика соодветно ќе биде прилагодена.

„Неизвесноста околу идните мерки на развиените економии, како и големата променливост на меѓународните финансиски пазари којашто во изминатите неколку денови се манифестира со значително намалување на цената на нафтата, берзанските индекси и вредноста на американскиот долар во однос на еврото и во следниот период активно ќе се следат од страна на Народната банка со цел адекватна оценка на нивните ефекти врз домашната економија и потребата за преземање на евентуални мерки“, соопшти НБМ.

Во однос на макроекономските показатели во домашната економија во изминатиот период, Комитетот оцени дека тие главно се движат во согласност со очекувањата, но и дека ризиците од окружувањето стануваат се понагласени.

Каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 2 отсто, што се должи на поволните движења во домашната економија, кои се во рамки на очекувањата, но при истовремено значително зголемување на ризиците и неизвесноста за глобалната економија, предизвикани од новата вирусна инфекција Ковид -19, се вели во соопштението.

Од НБМ оценуваат дека стапката на БДП за четвртиот квартал на 2019 година упатува на побрз раст на економијата од очекуваниот, но и дека остварувањата за целата 2019 година се во линија со проектираната стапка во рамки на октомвриските проекции.

„Проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од 2019 година покажуваат солиден економски раст од 3,4 отсто, на годишна основа. Со тоа, реалниот раст на економијата во 2019 година достигна 3,6 отсто (очекуван раст од 3,5 отсто)“, веалт од НБМ.  Од таму додаваат дека остварениот раст минатата година бил поттикнат од домашната побарувачка, чиј двигател се бруто-инвестициите, а значаен позитивен придонес е забележан и од личната потрошувачка.

„Растот на компонентите на побарувачката и извозот придонесоа за раст и на увозот, со што нето-извозот има негативен придонес кон вкупниот економски раст. За првиот квартал на 2020 година, во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата“, велат од НБМ.

Во првите два месеци од 2020 година просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 0,7 отсто, што и натаму е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. При поизразени надолни корекции во поглед на очекуваното идно движење кај увозните цени, тековно, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5% се оценуваат како надолни. Неизвесноста околу очекуваното движење на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму постои и е поизразена.

Остварувањата кај девизните резерви во 2019 година и првите два месеци од 2020 година се нешто подобри од очекувањата, при што нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурна зона. Според расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за јануари 2020 година укажуваат на остварен трговски дефицит кој е нешто понизок во однос на проектираниот за првиот квартал од годината. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со февруари, упатуваат на остварени нето приливи од приватни трансфери кои се во линија со очекуваните за првото тримесечје на 2020 година. Остварувањата во билансот на плаќања за 2019 година посочуваат на повисок дефицит во тековната сметка во однос на октомвриската проекција (2,8 отсто од БДП, наспроти проектираниот од 1,3 отсто од БДП), но и значително подобра позиција на финансиската сметка (нето-приливи од 5,4 отсто од БДП, во споредба со проектираните 3,6 отсто од БДП).

Првичните податоци за февруари покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата.

Ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута се задржа на релативно стабилно и високо ниво, што влијаеше за мала потреба кај банките за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на необезбедени депозити.

На домашниот девизен пазар во февруари, банките за потребите на нивните клиенти реализираа поумерена нето-продажба на девизи споредено со првиот месец од годината. Главен придонес кон ова движење на девизниот пазар имаше сезонски пониската побарувачка за девизи од страна на корпоративниот сектор. Банките ја задоволија нето-побарувачката за девизи од страна на клиентите од девизните средства со коишто располагаат, а заради неутрализирање на краткорочните промени на девизната ликвидност во банкарскиот систем, Народната банка во два наврати продаде вкупно 5 милиони евра, се вели во соопштението од седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.