Најлошата бугарска инфраструктура со соседна земја е – со Македонија


Кога македонскиот премиер Зоран Заев ја посети Бугарија за Берлинскиот процес на 10-ти ноември, првичниот план беше да остане следниот ден за да разговара за економски прашања. 

„За жал, кога завршија разговорите на 10 ноември, тој се сврте и си замина. Политиката го жртвува бизнисот“, изјави за бугарски „Дневник“ Пламен Павлов, претседател на Бугарската трговско-индустриска комора. Македонската влада објаснила дека промената во посетата на Заев се должела на коронавирусот. Без оглед на причината, пишува бугарскиот весник „Дневник“, во тензиите меѓу Софија и Скопје бизнисот се најде на втор план. Како изгледа кризата во очите на претприемачите и какви очекувања создава таа за во иднина?

Раст во трговијата, стагнација во големите проекти

На прв поглед, она што се случува во политиката не е проблем за бизнисот. Податоците за бугарскиот извоз во Северна Македонија покажуваат раст од 6,2% (наспроти падот од 18,8% со Србија)и намалување на увозот за 12,4% во споредба со претходната година. Откако ескалираа тензиите меѓу двете земји во октомври минатата година, македонските власти објавија планови за најмалку 12 нови бугарски инвестиции. Една од нив беше бугарската ИТ компанија „Скал Фокус“, која најави дека ќе инвестира 45 милиони евра во соседната земја и ќе отвори до 300 работни места.

Премиерот Заев најави исто така дека, и покрај корона вирусот, се најавиле две македонски инвестиции во Бугарија. Оваа нерамнотежа не е невообичаена и самиот Заев ги нарече македонските инвестиции во Бугарија „навистина ретки“. Минатата година имаше едвај две  во споредба со 12-те бугарски во Северна Македонија во последниве години, од аквизиции направени од ПИБ, ЦКБ, „Еуроинс“ и „Алфа финанс“ (сопственик е издавачот на „Дневник” и „Капитал“), сè до стекнување на мнозински удели во фабрики за кабли, предива, шеќер и млечни производи.

Владимир Владимиров од Бугарско-македонскиот деловен клуб ги објаснува засилените врски повеќе поради „деловните потфати меѓу луѓето, а не толку поради владините активности“. Проблемите во соработката околу големи проекти се видливи со голо око. Минатиот месец, Северна Македонија го замрзна својот удел атомската централа во Белене и се сврте кон „пореалниот“ проект, централата на гас во Александрополис. Одлуката е далеку од спонтана и имаше сигнали за неа уште од минатата година. Заев беше на деловен форум во Атина пред неговата билатерална посета на Софија и изрази интерес за терминалот кај неговиот колега Киријакос Мицотакис.

Како што се продлабочува спорот меѓу Софија и Скопје, работата на Коридорот 8 станува сè поважна тема и станува сѐ почеста на списокот со условите на бугарските власти. Со години се зборуваше за потребата од брз пат долж паневропскиот коридор од Драч на Јадранскиот брег, преку Северна Македонија до Варна на брегот на Црното Море, а Софија го обвинува Скопје дека не сторило доволно за проектот. Северна Македонија се врати повторно на изградбата на железничката линија до Бугарија долж коридорот, издвојувајќи 29 милиони за неа како приоритетен проект.

Проблемите меѓу двете земји произлегуваат од недоволно деталниот Договор за добрососедство и преголемиот акцент на историјата, но исто така се јавуваат и затоа што „ниту Атина ниту Белград немаат интерес за Коридорот 8“, вели Владимиров. Според него, од двете страни треба да се направат повеќе напори за подобрување на патните врски. Владимиров прв предложи идниот автопат меѓу Софија и Скопје да се вика „Гоце Делчев“. Сега 220-те километри помеѓу двете престолнини може да траат пет часа. Сепак, македонската страна го заврши проширувањето на најпроблематичниот дел од Крива Паланка до границата со Бугарија.

Софија го критикува Скопје дека не работи на инфраструктурата, а поранешниот амбасадор во Македонија Ангел Димитров оцени дека единствениот потег направен на овој план е за време на неговиот мандат на крајот на минатиот век и почетокот на овој век. Владимиров  гледа основа за критики кон двете влади:

„Најлошата бугарска инфраструктура со соседна земја е онаа со Македонија. Со оглед на тоа дека балканскиот дел вклучува три земји, Албанија и Северна Македонија и  Бугарија, која единствена е дел од ЕУ, таа треба да преземе водечка улога за проектот и да аплицира за да добие средства за коридорот“, вели тој. 

„Во моментов, македонската држава го проширува патот од Куманово до Ѓуешево и го заврши проектирањето на железничката линија до Бугарија. Ова се нивните чекори. Јас не сум чул за таков процес од наша страна“, тврди исто така Пламен Павлов. Тоа, според него, е причина за продлабочување на конфронтацијата. Тој не гледа проблеми со партнерската организација во Скопје која се обидува да спречи тензијата од билатералната ситуација да се насочи кон Бугарско-македонската трговска комора.

„Ние работиме како една организација“, вели Павлов. Сепак, билатералните тензии во бизнисот се оценуваат како реални.

„Немаме заеднички проекти. Поради акумулацијата на политички тензии и кризата со корона вирусот, сега е тешко да се процени основната причина“, коментира Павлов.

Нерешени прашања, неискористените можности

Без разлика дали тоа се должи на политичката криза или корона вирусот, деловните проблеми остануваат нерешени.

„Јас не знам некој да инвестирал во Македонија во последните две години. Не можеме да ангажираме на пример македонски државјанин, затоа што мора да ги поминеме долгите ходници на Агенцијата за вработување. Се покажа полесно да се ангажира некој наш граѓанин кој ќе го испратиме во Струмица, што ги поскапува прекуграничните проекти и им ја одзема економската одржливост. Ако транспортираме нешто таму, нашиот човек ќе го исклучи мобилниот, бидејќи роамингот таму е скап како да зборувате со Нов Зеланд. Не ја потценувам историската вистина, но таа треба да служи за благосостојба, а не за конфронтација, за уривање на античкиот ‘балкански зид’, а не за негово зајакнување. Постојат автопати до Белград и Атина, а патот до Софија е дури и без сообраќајни знаци. Ниту едношалтерско работење што го има Македонија со другите соседни земји не се применува на границата со Бугарија“, вели Павлов, претседател на Бугарско-македонската трговско-индустриска комора.

Пред една година македонската и бугарската комора им дале на двете влади Бела книга – патоказ за поволно деловно опкружување за претприемачите од двете страни на границата. Белата книга на Бугарско-македонската трговско-индустриска комора и на Македонско-бугарската стопанска комора содржи 12 конкретни мерки за приближување на нормативната регулатива, за создавање регионални пазари за енергија, стоки и услуги, размена на работна сила, соработка во земјоделството, туризмот, лесната индустрија, технологиите и науката и подобрување на телекомуникациската поврзаност.

„Врата за македонската пиперка и домат“

Според Владимиров, доколку се создадат услови, постојат сериозни практични можности за соработка во две области. Едната е во информатичката технологија, другата е во храната – можете да комбинирате македонско производство на примарни земјоделски производи и бугарски капацитет за преработка.

„Бугарија може да биде врата за македонските пиперки и домати кон европскиот пазар. Сепак, поради моменталната состојба на инфраструктурата ако треба да однесам жито од Добрич во Македонија со камион, тоа ќе биде поскапо и понеисплатливо отколку да го донесем од Нови Сад“, вели тој.

Заради тоа, смета тој, историјата треба да биде едвај 5 отсто од меѓудржавните односи, што пак може да деескалира ако Бугарија сигнализира дека инфраструктурата и бизнисот можат да се развиваат додека разговорите продолжуваат.

„Да ги започнеме преговорите и за овие 5-7 години (додека тие најверојатно ќе траат) ќе имаме доволно време да најдеме решение за овие историски проблеми за да правиме бизнис“, вели Владимиров. Сегашните тензии, инаку, предупредува тој, ќе се одразат и на потрошувачите.

„Очекувам промена во однесувањето на клиентите од двете страни. Во случај на политичка ескалација и непријателски разговори меѓу двете земји, тоа ќе влијае на луѓето, па меѓу бугарските и српските вафли, тие ќе купат српски вафли и ќе се навикнат“, вели Владимиров.

„Шансата за распарчениот Балкан е регионален развој, регионален пазар и регионална кохезија, а овој спор ќе ги задржи нивните граѓани и ќе ги врати нашите“, додаде Пламен Павлов. „Ако не го сториме тоа, за 30 години ќе нема кој да ги води споровите“, смета тој. (Дневник.бг)