На Законот за домување му се потребни измени


Фото: Б. Грданоски

Потребата од унапредување на Законот за домување се наметнува од повеќегодишното искуство за пречките во неговата имплементација на терен што зависи од повеќе услови. Правото на домување е дел од соодветен животен стандард и е застапен во Универзалната декларација за човекови права, а ние како Министерство имаме задача да поставиме услови за квалитетно домување на сите, истакнал министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на тркалезна маса што денеска ја организираше здружението за хумано домување Хабитат Македонија.

Како што соопшти Здружението, Бочварски рекол дека Законот за домување до сега има неколку измени, но со овој процес кој обезбедува транспарентност, очекува да се надополнат постојните правни празнини и да се овозможи негово непречено спроведување, што е од интерес на сите граѓани.

Претставници на Министерство за транспорт и врски, на локалните самоуправи, Регулаторна комисија за домување на РС Македонија, групација на управители при Стопанска комора на РС Македонија, претседатели на заедници на сопственици разговараа за Законот за домување и искуствата од спроведување и иницијативите за измени и дополнувања на Законот за домување.

Здружението за хумано домување, Хабитат Македонија во неколку наврати учествуваше во подготовката на решенија и предлог текстови за Законот за домување, вклучувајќи ја соработката со повеќе институции и министерства околу различни аспекти кои се опфатени со законот, како социјалното домување и управувањето со станбени згради, како и во поглед практична примена на законот во однос на енергетската ефикасност на станбените згради, изготвување на регистар на станбени згради за општините, како и примена на ТАБУЛА методологијата за типологија на згради, вклучувајќи ги и станбените згради, се наведува во соопштението.

– Хабитат Македонија иницираше унапредување на партиципативноста и транспарентноста на овој процес за унапредување на Законот за домување и создавање на новото законско решение кое ќе ги опфати потребите на сите чинители и ќе овозможи практична имплементација. Преку организирање на оваа дебата ги вклучуваме и сите засегнати и заинтересирани страни кои досега немаа прилика да се произнесат. Ова се однесува, пред сѐ на сопствениците на посебните делови на станбените згради застапени од нивните заедници на сопственици или од овластени претставници кои комуницираат со лиценцираните фирми за вршење управувачки услуги. Целта ни е да добиеме законско решение кое биде апликативно и ќе се применува на терен од страна на сите чинители со што ќе се исполнат условите за квалитетно урбано домување на граѓаните, изјави Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија.

Со Законот за домување се уредуваат видовите на објекти во домувањето, управувањето со станбените згради, односите меѓу сопствениците на посебните делови и трети лица, заедницата на сопствениците, евиденцијата на становите, закупничките односи во домувањето, начинот на управување и одржување на објектите, правата и обврските на Републиката, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во домувањето, инспекцискиот и управниот надзор и други прашања од областа на домувањето.

Постојниот Закон за домување во својата основна форма стапи на сила во 2009 година, со неколкукратни измени и дополнувања во текот на годините. Со решение на ресорниот министер за транспорт и врски од 29 март 2022 година е формирана работна група која има за цел за подготви нови измени и дополнувања на постоечкото законско решение која работи на формулирање на конкретен текст со предлог измени и дополнувања. Нацрт текстот на новиот Закон за домување се очекува да биде ставен на јавна расправа во првиот квартал од наредната година, се наведува во соопштението.