Собранието усвои измени за електричните тротинети – деца не смеат да ги возат


Фото: Б. Грданоски

Собранието денеска ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за користење на електричните тротинети и другите лесни електрични возила.

Со измените се прецизира дефиницијата за „лесно електрично возило“, а максималната дозволена брзина за нивно движење се ограничува на 20 километри на час, во согласност со европските препораки.

Новина е и тоа што електричен тротинет ќе можат да управуваат само лица постари од 18 години. Истовремено се заоструваат казните за прекршителите, а во одредени случаи, како што се возење од малолетник, надминување на дозволената брзина, превезување друго лице или управување под дејство на алкохол, ќе биде можно и одземање на возилото.

Во рамките на 109. седница, пратениците ги изгласаа и измените на Законот за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муницијата, по скратена постапка и со европско знаменце.

Усвоен беше и Законот за јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост, кој има цел да воведе поефикасно, потранспарентно и поодговорно управување со јавните претпријатија.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески образложи дека досегашниот систем се карактеризирал со неусогласени законски решенија, недоволна координација и ограничена достапност на информации, поради што е потребна нова правна рамка.

Од опозициската СДСМ, пак, оценија дека со законот се концентрираат поголеми надлежности во Министерството за економија и труд, кое според нив ќе има централна улога во управувањето со државните претпријатија.

Пратениците на денешната седница го ратификуваа и изменувањето на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), со кое се олеснува електронската трговија во регионот.

По завршувањето на точките од дневниот ред, потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски ја прекина седницата, а продолжението ќе биде закажано дополнително.