Драматично спасување на Зелениково, пожарот дошол до првите куќи kaj Zelenikovo>
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, раскажува за драматична ситуација која синоќа се случила над Зелениково. Во опасност од пожар биле неколку куќи.
-Ноќва околу 2 часот по полноќ на телефон ми се јави женско лице со силно вознемирен глас. Најпрво ми се претстави а потоа во паника, со викање, ме извести дека пожарот се приближува кон нејзината куќа која се наоѓа во последниот ред, на ридот над Зелениково, поради што панично бараше помош. Според паниката во нејзиниот глас претпоставив дека пријавата е вистинита а состојбата алармантна.
Во меѓувреме, за пожарот бил известен и градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски кој во интерес на времето итно го стартувал општинското противпожарно возило кое што го набавиле пред извесно време и со него дошол непосредно до куќите каде што беснеел пожарот. Истовремено со него пристигнале и, од него алармираните, припадници на доброволното противпожарно друштво од Зелениково.
Веднаш потоа започнале со гасење на пожарот кој се приближувал кон куќите. Олеснителна околност била претходната реакција на самите жители од последните куќи, кои направиле делумна заштита на неколку места прскајки со вода и сечејки критични грмушки и дрвја. Сите заедно успеале да ја сопрат огнената стихија пред да стигне до првите куќи.
Ангелов изрази голема благодарност до градоначалникот на Зелениково, Коста Маневски, кој итно, во 2 часот по полноќ се јавил на повикот на граѓаните, покажал присебност и наместо да губи време чекајки некој да дојде по противпожарното возило, самиот го стартувал и одвезол до местото каде што горел пожарот. Благодарност изрази и за жителите кои што излегле да се борат против огнот изложувајки се притоа на значителен ризик, на лице место затекнав повеќемина од нив, а посебна благодарност до доброволните пожарникари од Зелениково без чие учество состојбата ќе беше сосем поинаква.
-Со нив договорив да влезат во тимовите за брз одговор на ДЗС, а во знак на поддршка на доброволното пожарникарство им понудив Дирекцијата да им обезбеди заштитни униформи, противпожарни напртњачи и метли за нивниот иден Огнен тим во ДЗС.Благодарност и до скопските пожарникари чие што возило стигна навистина брзо. Сите заедно ставија крај на оваа огнена стихија која можеше да уништи повеќе куќи. На крај, по којзнае кој пат, ве молам, внимавајте! Доволна е само искра за вистинска катастрофа!, вели Ангелов.