Мицкоски ја смета „робустна“ задоцнетата реакција на Владата за кризата во Гостивар

СДСМ посетата на премиерот на Идризово на увид на изградбата на фекална канализација  ја нарекоа „логична“


Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките од СДСМ во врска со состојбата со водата во Гостивар, оценувајќи дека нападите се дел од политичката стратегија на опозициската партија. Мицкоски рече дека СДСМ има демократско право да ја избере својата политичка стратегија, но забележа дека не посочува одговорност кај градоначалникот на Гостивар.

„Зачуден сум зошто  првоповиканиот во случајот, а тоа е градоначалникот на Општина Гостивар, никако не можете да го сретнете во соопштенијата на СДСМ. Мислам, кога зборувам ‘зачуден’, тоа го кажувам иронично, бидејќи нормално е дека истата политичка партија нема да го спомене него, бидејќи го поддржа за време на локалните избори“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека надлежноста во случајот ја има Јавното комунално претпријатие, додека истрагата што ја водат Обвинителството и Министерството за внатрешни работи сè уште трае. Според него, досега се обезбедени три лица, но не е исклучена можноста во текот на истрагата да бидат опфатени и други лица за кои ќе се утврди одредена одговорност или учество.

Премиерот упати критика и кон СДСМ поради тоа што, како што рече, не реагирале во минатото на извештаи за неквалитетна вода во Гостивар, но и во други општини.

„Во минатото има и други извештаи за неквалитетна вода во Гостивар, но и во други општини низ Македонија, како Прилеп, Крушево и така натаму. Кога некои други биле министри, кога некои други биле директори… Зошто против нив не поднесат (кривични опријави)? Бидејќи тие ништо не преземале“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека актуелната Влада реагирала веднаш по добивањето на информациите за проблемот, со преземање мерки за прочистување на системот, по што водоснабдувањето повторно било вратено под надлежност на Општина Гостивар и комуналното претпријатие.

„Оваа Влада презема. Првиот момент кога доби таков извештај, презема: направи една робустна акција, го прочисти системот и повторно го врати во надлежност на Општина Гостивар и во рацете на комуналното претпријатие“, додаде премиерот.

Мицкоски смета дека критиките од СДСМ се погрешно избрана стратегија, но порача дека опозициската партија сама треба да процени како ќе настапува политички.

Од СДСМ пак посетата на премиерот на Идризово на увид на изградбата на фекална канализација,  ја нарекоа „логична“.

„Премиерот Христијан Мицкоски денеска е на увид на изградбата на фекална канализација во Идризово. Логичен избор. Откако граѓаните во Гостивар цел месец пиеја фекалии, премиерот конечно одлучи да се занимава со фекалната инфраструктура. Само овојпат од правилната страна на цевката.
 
Додека во Гостивар немаше ниту еден негов увид, ниту една посета, ниту една „здравица“ со граѓаните кои се труеа и заболуваа, сега има време за фотографирање покрај канализација во Идризово. Идризово, место што народот го поврзува со затвор, денеска го пречекува премиерот како експерт за фекален систем.Савевски да си ја работеше својата работа, а не по барање на Мицкоски, можеби Мицкоски ќе останеше подолго во Идризово и ќе имаше можност посериозно да ја проучи темата, научно.
 
Еден месец криза со загадена вода. Илјадници заболени. Епидемија на жолтица.Отруена вода во болницата.Епидемија на западнонилска треска.Двајца починати од западнонилска треска. Болниците во колапс. А, премиерот? Прво на научна екскурзија. Потоа на увид на фекална канализација. Приоритетите се кристално јасни“, карикираа од СДСМ.