Брзата помош во Скопје ќе стане посебна институција – наскоро 100 нови амбулантни возила


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Азир Алиу најави дека проектот за набавка на 100 нови амбулантски возила ќе донесе значително подобрување на системот за итна медицинска помош и ќе овозможи воведување на современи услуги во реално време.

„При крајот сме на проектот наредната недела ќе се комплетира за 100 нови амбулантски возила, кои ќе претставуваат дополнителна вредност за здравствената инфраструктура и ќе овозможат нудење на сервиси во реално време“, изјави Алиу.

Тој посочи дека Владата веќе го разгледува и процесот на одвојување на Првата помош како посебна институција во Скопје, со цел да се зголеми ефикасноста на итните здравствени услуги.

„На седница на Владата беше споменат и процесот на одвојување на Првата помош како институција во Скопје. Доколку овој модел даде позитивни резултати, тој ќе биде проширен и во другите институции“, истакна министерот.

Според Алиу, реформите во итната медицинска помош имаат за цел побрз и поефикасен одговор на потребите на граѓаните, како и модернизација на здравствениот систем преку нова инфраструктура и дигитални решенија.