Алиу го пушти во употреба реконструираниот Здравствен дом во Куманово, инвестирани 6 милиони денари
Министерот за здравство, Азир Алиу, утрово, го посети реконструираниот објект на Здравствен дом Куманово во населбата „Тоде Мендов”, каде што е извршена целосна реконструкција на приземјето на објектот со вкупна површина од 250 квадратни метри. Објектот има значајна улога во системот на превентивна здравствена заштита и служи како центар за спроведување на училишна вакцинација за подрачјето на општината.
За реализација на оваа инвестиција се вложени 5 милиони денари од буџетот, со што значително се подобрени просторните услови за работа и за престој на пациентите.
Во рамки на активностите е извршено и уредување на дворот на објектот, при што се изградени и паркинг-места за потребите на пациентите. За оваа намена се инвестирани дополнителни еден милион денари.
„Со оваа инвестиција обезбедуваме подобри услови за спроведување на имунизацијата, поефикасна организација на работниот процес и поквалитетна услуга за граѓаните, особено за децата и нивните семејства. Токму инвестициите во примарната здравствена заштита се инвестиции во здравјето на идните генерации. Наш приоритет е да создаваме современи, функционални и достапни здравствени установи во сите општини, затоа што секој граѓанин заслужува квалитетна здравствена услуга поблиску до местото на живеење, изјави министерот Алиу.
Министерството за здравство останува посветено на унапредување на инфраструктурните услови во здравствените установи низ државата, со цел обезбедување поквалитетна, подостапна и поефикасна здравствена заштита за сите граѓани.