Гаши на состанок на организацијата за црноморска соработка во Грузија


 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на генералното собрание на Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК), што се одржува на 30 јуни и 1 јули 2026 година во Тбилиси, Грузија.

Како што соопшти собраниската прес-служба, на свеченото отворање на Генералното собрание, Гаши се обратил со говор пред делегациите на земјите изразувајќи го посветувањето на Северна Македонија кон регионалната соработка и евро-атлантската интеграција. Во своето обраќање Гаши нагласил дека регионот на Црното Море претставува витален коридор за поврзување, трговија и меѓународни контакти.

Тој посочи дека овој регион е богат со историја, култура и потенцијал, но исто така се соочува со многубројни предизвици, кои бараат колективен напор и солидарност и оти без разлика дали станува збор за економски развој, безбедност, заштита на животната средина или општествена кохезија, заедничката иднина зависи од силата на соработката и врските што ги градиме денес.

Гаши особено ја потенцирал важноста од инклузивноста и рамноправното учество на сите чинители во регионалниот дијалог нагласувајќи дека само преку сеопфатен и инклузивен пристап може да се постигне одржлив развој и општествена хармонија.

Покрај учеството на Генералното собрание на ПАБСЕК, Гаши реализира и официјална билатерална посета на Тбилиси на покана од претседателот на парламентот на Грузија.