МВР и АНБ ja истражуваат мрежата што поттикнува омраза меѓу Бугарија и Македонија
Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) спроведуваат истрага против 20-ина комуникациски канали, меѓу кои веб-портали, како и страници и профили на Фејсбук и Инстаграм, поради сомневање дека биле користени за организирано ширење говор на омраза и поттикнување тензии преку содржини поврзани со односите меѓу Македонија и Бугарија, објави порталот Скопје 1.
Во фокусот на истрагата се повеќе содржини објавувани во изминатиот период поврзани со внесувањето на Бугарите во Уставот, како и провокативни објави и материјали кои, според сомневањата, имале цел да поттикнат меѓусебни навреди, омраза и радикализација на јавната дебата меѓу македонски и бугарски граѓани. Се истражува и начинот на финансирање на дел од овие активности.Доколку се утврди дека има елементи на кривично дело, МВР ќе постапи во согласност со законските надлежности и ќе преземе соодветни мерки.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна, во интервју за МРТ, зборувајќи за последните инциденти на релација Бугарија – Македонија, како што беше палењето на дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје и протечената дипломатска нота за патувањето на неговото семејство во Пампорово, Бугарија, оцени дека се провокации што се дел од организирана бугарска кампања во нашата држава, а кои имаат за цел промоција на неприфатливи работи преку еден или двајца политички ликови.
– Ниски страсти и организирана кампања што во овој период е забележлива. Ние сме зафатени со реконструкцијата и го користат слободниот простор, еден, двајца политички ликови во државава да се обидат да промовираат нешто што никој не може да го прифати. Ова е еден поширок обид за влијание тука… Јас многу малку верувам во случајност во политиката – изјави тогаш Мицкоски.
АНБ во март годинава спроведе истрага против организирана мрежа, која преку пропагандни активности поттикнува омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји. По претходно обезбедени информации на АНБ, кои укажуваа на субверзивно-пропагандни активности во земјава на домашни и странски недржавни актери, Јавното обвинителство и МВР/БЈБ синхронизирано презедоа организирани мерки и активности за кривично-правен прогон на лица и одземање пропагандни материјали што имаат за цел да предизвикуваат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните – информираа тогаш од АНБ.
Наведените активности, како што додадоа, биле поттикнати „во координација и по насоки на бугарски државјанин, кој подолг период на социјалните мрежи и преку бот-мрежа на информативни портали спроведувал пропагандни активности со цел поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји, од позиција на недржавен прокси-актер во функција на хибридно поткопување на стратешките евроинтегративни процеси на Македонија и загрозување на европската безбедност“.
Како што објавија тогаш дел од медиумите, Виктор Стојанов, бугарски државјанин и претседател на Фондацијата „Македонија“, е лицето што било опфатено во пријавата за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Стојанов во јавноста е познат по своите негаторски и навредливи изјави за македонскиот народ и држава. Тој по инцидентот со запалените возила пред бугарската амбасада, повикуваше на протест и блокирање на бугарско-македонските гранични премини, но по реакциите на официјална Софија, се откажа од блокадата. На Стојанов му е изречена забрана за влез во земјава.