Муслиу: Дијалогот без Тачи е како Барселона без Меси
Пратеничката во косовското Собрание од редовите на Демократската партија на Косово (ПДК), Ганимете Муслиу смета дека тимот за перговори со Србија без претседателот Хашим Тачи е исто што и фудбалскиот тим Барселона без својот најдобар играч Лео Меси, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Јас сум сосема убедена: да се отстрани претседателот на Косово од дијалогот е исто како и на славната Барселона да ѝ се одземе Меси. Тачи е најподготвениот лидер во таа област. Јас знам дека и политичките партии се свесни за тоа, изјави Муслиу во интервју за јавната косовска телевизија РТК.
Според пратеничката на партијата која, до именувањето претседател на Косово, во февруари 2016 година, ја водеше Тачи, идејата за промена на границата постои од поодамна и таа е промовирана и од потпретседателот на најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, Љутфи Хазири.
Муслиу изјави дека е неправедно тоа што Прешевската Долина, населена со мнозинско албанско население, останува во рамките на Србија.