Во оваа колумна, каде доминира изразен проруски и анти-НАТО тон, Давидов пишува дека амбасадорот Колев конзумирал алкохол во московски бар, по што, при излегување надвор, се удрил во бандера, за на крај да се качи во службениот автомобил со дипломатски таблички, да сврти на две полни ленти и да се судри со друго возило.

„ Господин Колев морал да излезе од своето возило, а камерите повторно го забележале пијаниот дипломат додека се обидувал да ја одржи рамнотежата потпирајќи се на каросеријата на туѓиот автомобил“, пишува рускиот портал Политнавигатор, повикувајќи се на српска Правда.

Овој инцидент каде бил инволвиран Колев не се случил сега, туку пред две години. Како што вели висок функционер во МНР, симптоматично е тоа што информациите за овој случај излегуваат токму во време кога Македонија води стратешки дијалог со САД во Вашингтон.Според него, лиферувањето на вакви информации и фотографии во овој момент претставува смислена провокација кон земјава, каква што им се случила и на многу други држави, како на пример на Полска во 2023 година, кога полскиот амбасадор во Русија бил инволвиран во сличен инцидент.

Што се однесува до Колев, треба да се наведе дека тој е дипломат од кариера, кој во МНР извршувал разни должности од 1997 година. Покрај тоа, тој бил македонски амбасадор во Виена пред да замине на служба во Москва во 2023 година, откако 4 години земјава немаше амбасадор во Русија, туку вршител на должност.

По политичките промени во 2024 година, неколку амбасадори упатени за време на претходната власт беа отповикани, меѓутоа меѓу нив не беше и Колев, кој до ден денес е на должност и покрај инцидентот.