Морачанин: Ниту сме преговарале ниту ќе преговараме за ново мнозинство


Ниту сме преговарале за приклучување на некое ново мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, ниту е тоа наша идеја, порача денес пред состанокот со премиерот Зоран Заев, Маја Морачанин од коалицијата „Одлучно за промени“ на ДОМ и ЛДП. 

-Ние и пред кампањата, кога ја формиравме коалицијата, кажавме дека сме дел од парламентарното мнозинство. Мнозинството и Владата се стабилни и ние не поддржуваме нови парламентарни избори или ново парламентарно мнозинство. На Македонија и треба стабилност бидејќи се соочуваме со енергетска криза и со ковид епидемијата, рече Морачанин.

На прашање од новинарите околу оставката на премиерот таа одговори дека како коалиција нема да инсистираат да ја повлече бидејќи тоа е негов личен став од морални и етички причини. Очекуваше на средбата да стане збор пред се за визиите  на новата влада, која ќе биде идејата за неа и какви се очекувањата, нагласувајќи дека ЛДП и ДОМ како европски и прогресивни партии посакуваат да се забрзаат реформите, борбата против корупцијата, да има неселективна правда, да почнат пристапните преговори со ЕУ  и, она што е важно за ДОМ, да има поголема заштита на животната околина за да навистина граѓаните почувствуваат промени и поквалитетен живот.