Моќниот „Золтан“ ја погоди Германија: Се очекуваат ветрови со ураганскa силa
Федералната поморска и хидрографска агенција издаде предупредување за сериозно невреме во Хамбург, додека германската метеоролошка служба издаде предупредувања за тешки временски услови за брегот на Северното Море, Шлезвиг-Холштајн и Балтичкото Море.
Многу поаѓања на меѓуградските и регионалните линии се откажани или прекинати, а на станиците се создава гужва.
Националниот железнички оператор Дојче Бан соопшти дека има откажувања на линиите од Хамбург и Хановер до Франкфурт и Минхен, а на подолгите линии – од Хамбург на север до Кил и Фленсбург, нема сообраќај, пренесува АП.
Паднатите дрвја ги оштетија надземните линии или ги блокираа шините во северна Германија, но и во централната покраина Хесен.
Укината е обврската за резервација на возови за четврток, а германските железници предупредуваат на преполни возови во петок и сабота.
Во Хамбург реката Елба се излеа во близина на пазарот, а брзината на возовите на метрото на надвозниците е намалена.
Доцнења имало и на аеродромот во Франкфурт, пренесува АП повикувајќи се на dpa.
Со приближувањето на бурата „Золтан“, метеоролозите очекуваат силни ветрови од север, кои потенцијално би можеле да предизвикаат бранови на бура долж реката Елба, додека според некои предупредувања, ударите на ветерот долж брегот во северна Германија би можеле да достигнат сила на ураган.
Во четвртокот „Золтан“ ја погоди северна Германија, сериозно загрозувајќи го железничкиот сообраќај во Долна Саксонија и Шлезвиг-Холштајн.
Невремето урна дрвја, а наставата во некои училишта во Бремерхавен денеска беше прекината.