Мојсова-Чепишевска: Скопје е величествен феномен на македонскиот дух – да го направиме центар на светот


 

Сите ние сакаме да го направиме Скопје средиште, центар не само на Македонија, туку на светот. Или средиштето на светот да го поместиме или сместиме токму во нашето Скопје. Центарот, особено во последно време, е престижна категорија, па во тој контекст и борбата за центарот станува премногу актуелна, зашто таа прераснува во борба за престиж, за статусен карактер, за статусни предиспозиции. А, Скопје е величествен феномен на македонскиот дух и на сите оние што живеат во него. Затоа не е воопшто иссилено кога велиме дека низ зборот „скопјанец“ одекнува ехото „човек“!

Ова меѓу другото го истакна добитничката на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2022 година, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во обраќањето од името на добитниците на високото признание, на синоќешната свеченост во Националната опера и балет на која беше врачена наградата, по повод 78-годишнината од ослободувањето на главниот град.

Мојсова-Чепишевска и потсети на значењето на историскиот 13 Ноември, напоменувајќи дека ако можевме да се вратиме назад во времето, немаше удобно да се седи во Македонската опера и балет, туку сите ќе бевме излезени на улиците на Скопје и ќе ги пречекувавме нашите победници со китки трендафили.

– Но и ќе им се поклоневме на оние над 400 загинати, како и на последните деветмина стрелани скопјани во близина на Камениот мост од страна на германскиот окупатор. Така нашите ѕвезди од срцето ќе се гушнеа со ѕвездите-петокраки на челата на нашите борци, сликовито посочи професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Taa посочи и на она што не треба да се заборави и на она што може да се стори денес.

– Да не заборавиме дека тој 13 Ноември му го овозможи овој растеж на Скопје, но и нам, на сите скопјани. И на овој 13 ноември 2022 година можеме и вака да се сеќаваме на тој 13 ноември, читајќи ги зборовите на Гане Тодоровски: „Мојот град го отпочна својот нов живот во оној замаглен и подзаснежнет бурен ден, ноемвриски ден, тринаесети по ред, во годината 1944, кога за првпат во историјата на неговите улици зачекори Слободата. Оттогаш па наваму живее Скопје живот на забревтан, заитан, полн со енергија град, затоа што во таа разгрната живеачка се заложени животите на недоброј негови најчисти вљубеници, гладни за живот, жедни за слобода.“ Искрено се надевам дека и ние досега сме дале свој печат во раснењето на Скопје. Дека и ние сме некои гладни за живот и жедни за слобода. Впрочем, потврда за тоа е и оваа награда, нагласи Мојсова-Чепишевска, на која наградата „13 Ноември“ ѝ е доделена за монографската публикација „Конески како тестамент“ и континуираните остварувања во областа на културата.

Изразувајќи благодарност за признанието од името на добитниците, таа истакна дека наградата „13 Ноември“ и ги обврзува на уште поголем, и личен и општествен влог во периодот што доаѓа.

– Наградата е наша обврска за работење за уште подобро Скопје. Само така ќе можеме со мирно срце да им го оставиме на нашите деца, за и тие да го сакаат и унапредуваат. И да ја умножат нашата страст за поубаво Скопје, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Во обраќањето, таа потсети и на книжевното Скопје, од творештвото на Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ и Томислав Османли. Но, и на стиховите од музичките нумери посветени на главниот град. Започнувајќи со „Зборувај ми за Скопје“ од Нина Спирова, со: „никогаш не заборавај / дека најсреќен си само дома“ и завршувајќи со стиховите од песната „Ова е само наше Скопје“ на Владо Јаневски: „ова е само наше Скопје, / тука ни е сè / овде сè дури сме живи /  ќе се враќаме.“

Мојсова-Чепишевска имаше и личен, емотивен дел на обраќањето, во кој се осврна на својата повраност со Скопје.

– Го сакам градот. Го сакам Скопје. Секогаш ме возбудува она обично градско секојдневие кое ми го открива чудесното во смисла и на онаа бодлеровска или аполинерова потрага по новото и непознатото. Го сакам и она книжевно и уметничко Скопје т.е. Скопје што живее во книгата и во уметноста, Скопје е мојата ДНК, посочи професорката, осврнувајќи се и на скопското детство и скопската младост поврзани со некогашниот Дом на младите „25 Мај“, сега Младински културен центар, навивањето за „Вардар“, кои се и дел од величенствените скопјани за 2022 година, школувањето и работењето во главниот град.

„Скопје, Те гушкаме..“ – беа зборовите со кои добитничката на наградата „13 Ноември“, емотивно го заврши своето обраќање, посветено не само на наградата, туку и на родниот град.

 

Во продолжение, интегрално обраќањето на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска по повод доделувањето на наградата „13 НОЕМВРИ“ на Град Скопје за 2022 година:

 

Да работиме за подобро Скопје – само така можеме со мирно срце да им го оставиме на нашите деца

Почитувани,

Голема е возбудата што можам да се обратам во името на сите добитници на наградата 13 НОЕМВРИ што ја доделува Градот Скопје. Уште поголема е честа што во мое лично име и во име на сите добитници можам да ја искажам благодарноста што Одборот и стручните комисии нѐ избраа токму нас да ја понесеме оваа голема награда. Со тоа, Градот Скопје нѐ промовира и во ВЕЛИЧЕНСТВЕНИТЕ СКОПЈАНИ за 2022.

И додека го подготвував овој скромен прилог како благодарница, во позадина ми одеше песната што во 1965 ја испеа Нина Спирова „Зборувај за Скопје“:

„Parlez-vous Français
за Скопје, за Вардаровиот кеј, за Водно
зборувај за Шар Планина
за убавините на својата земја
Parlez-vous Français за светот
на кој му припаѓаш ти
со душа,
никогаш не заборавај
дека најсреќен си само дома“

Во истата таа 1965, Влада Урошевиќ ќе напише: „Напоредно со градот живее неговиот двојник во зборот, неговата книжевна сенка …“ А на овие зборови како да се нанижуваат зборовите на Томислав Османли од расказот „ЕСЕН: Нештата што никогаш не се менуваат“, па пишува: „Живее, разгргорен, а сепак спокоен и човечки едноставен – неизменет, измешан и буен, национален, балкански, ориентален, колку и интернационален – во раскошот на есенскиот бериќет: во зрелиот ќилибар на грозјето, во ориенталната боја на алпиперот, во медитеранската топлина на портокалот, во румената, непредвидлива јадрост на јабучарот, во акварелните прелевања на јаболката, во сончевината на делишесот, во есенската сочност на морковот, во шарската белина на гравчето, во бисерниот отсјај на оризот, во винската боја на цвеклото, во лакираниот сјај на црниот патлиџан, во сувата лутина на буковецот, во зеленолисната свежина на магдоносот, во пријатниот мирис на целерот, во опојот на мајчината душица, во благородноста на пазарскиот муабет, во топлината на вриежот, во бујното враќање на минатото …“

Ех да можевме како во филмот „Враќање во иднината“ да се вратиме ни помалку ни повеќе туку токму во оној значаен 13 ноември во 1944 година. Сега ќе врнеше снег и ќе беше многу постудено. И немаше удобно да си седиме во Македонската опера и балет, туку сите ќе бевме излезени на улиците на Скопје и ќе ги пречекувавме нашите победници со китки трендафили. Но и ќе им се поклоневме на оние над 400 загинати, како и на последните деветмина стрелани скопјани во близина на Камениот мост од страна на германскиот окупатор. Така нашите ѕвезди од срцето ќе се гушнеа со ѕвездите-петокраки на челата на нашите борци. И бидејќи не сме дел од актерската екипа на „Враќање во иднината“, ни останува да не заборавиме да се потсетуваме дека тој 13 Ноември му го овозможи овој растеж на Скопје, но и нам, на сите скопјани. И на овој 13 ноември 2022 година можеме и вака да се сеќаваме на тој 13 ноември читајќи ги зборовите на Гане Тодоровски: „Мојот град го отпочна својот нов живот во оној замаглен и подзаснежнет бурен ден, ноемвриски ден, тринаесети по ред, во годината 1944, кога за првпат во историјата на неговите улици зачекори Слободата. Оттогаш па наваму живее Скопје живот на забревтан, заитан, полн со енергија град, затоа што во таа разгрната живеачка се заложени животите на недоброј негови најчисти вљубеници, гладни за живот, жедни за слобода.“ Искрено се надевам дека и ние досега сме дале свој печат во раснењето на Скопје. Дека и ние сме некои гладни за живот и жедни за слобода. Впрочем, потврда за тоа е и оваа награда. Некои умни луѓе видоа, препознаа во нас значајни институции и поединци, дејственици, уметници, професори, лекари, студенти и ученици во приказната за нашето Скопје. Но, доделувајќи ни ја оваа награда истите тие ни кажуваат и дека таа нѐ обврзува на уште поголем, и личен и општествен влог во периодот што доаѓа. Сите ние сакаме да го направиме Скопје средиште, центар не само на Македонија, туку на светот. Или средиштето на светот да го поместиме или сместиме токму во нашето Скопје. Центарот, особено во последно време, е престижна категорија, па во тој конктекст и борбата за центарот станува премногу актуелна, зашто таа прераснува во борба за престиж, за статусен карактер, за статусни предиспозиции. А, Скопје е величествен феномен на македонскиот дух и на сите оние што живеат во него. Затоа не е воопшто иссилено кога велиме дека низ зборот скопјанец одекнува ехото човек!

И сосема за крај. Не ми забележувајте дека сценава ќе ја искористам и за нешто лично. Го сакам градот. Го сакам Скопје. Секогаш ме возбудува она обично градско секојдневие кое ми го открива чудесното во смисла и на онаа бодлеровска или аполинерова потрага по новото и непознатото. Го сакам и она книжевно и уметничко Скопје т.е. Скопје што живее во книгата и во уметноста. Затоа си се почестив со „Скопјани“ од Гане Тодоровски како подарок за 13 Ноемвриската награда.

 

А Скопје е мојата ДНК. Како ќерка на Љубица, скопјанка родена ни помалку ни повеќе туку точно на 11 Октомври 1945 т.е. на првиот славенички 11 Октомври на востаничката 1941, го започнав својот живот во малото скромно куќарче на баба ми Милица и дедо ми Гроздан во НОВО МААЛО. Учев во центарот на Скопје, основното училиште во некогашното „Браќа Рибар“, сега „Димитар Миладинов“, во култната гимназија „Јосип Броз – Тито“ и на престижниот (тогаш популарно кажано) СКОПСКИ УНИВЕРЗИТЕТ, сега Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Цел живот навивам за ФК ВАРДАР (и сега кога е Втората фудбалска лига) и за РК ВАРДАР. А како и поинаку, кога татко ми е легендата на фудбалскиот ВАРДАР, најдобриот скокач и најефектниот голгетер со глава, Сократ Мојсов. Израснав со/во некогашниот Дом на млади „25 Мај“, денешен МКЦ, а како поинаку, кога сопруг ми е скопскиот рок вокал Стефан Чепишевски. МКЦ и РК ВАРДАР се дел од величенствените скопјани оваа година. Преубави моменти поминав во Детската радио драма на некогашното Радио Скопје, денес Македонско радио. И еве по сите овие скопски моменти во мојот живот е и оваа награда која ја добивам после истата што пред две години веќе ја доби мојата сестра, д-р Маја Мојсова-Мијовска, националниот координатор за трансплантација, која беше дел од тимот на првата трансплантација на срце во Македонија. Така што, наградата е моја обврска за работење за уште подобро Скопје. Само така можам со мирно срце да им го оставам на моите деца, Сара и Горазд, и на моите внуки, Илина и Дарија. Наградата е наша обврска за работење за уште подобро Скопје. Само така можеме со мирно срце да им го оставиме на нашите деца, за и тие да го сакаат и унапредуваат. И да ја умножат нашата страст за поубаво Скопје.

И ако на почетокот на ова обраќање ве понесов со стиховите / музиката на Нина Спирова, за крај сакам да можеме сите да ја запееме, ако не гласно, барем во себе, онаа популарна песна на Владо Јаневски: ова е само наше Скопје, / тука ни е сè / овде сè дури сме живи / ќе се враќаме.

Скопје, те гушкам! Скопје, те гушкаме….