Мобилните екипи на Царина добија нови „октавии“


Царинската управа набави 13 службени возила. Како најповолен понудувач на тендерот е избрано Друштвото за производство, трговија и услуги „Делукс-ауто“ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово.

Од Царинската управа ни изјавија дека е склучен договор за 12 нови патнички моторни возила марка „шкода“, модел „октавија амбишн“ со единечна цена од 1.227.015,00 денари без ДДВ (19,9 илјади евра) и едно ново патничко моторно возило марка „шкода“, модел „суперб амбишн“, со цена од 1.624.873,00 денари без ДДВ (26,4 илјади евра). За секое патничко возило понудена е значителна дополнителна опрема, а во единечната цена на возилата се вклучени сите трошоци (увозни давачки, трошоци за хомологација, трошоци за редовно сервисирање во гарантен рок, како и сите други трошоци доколку ги има).

„Набавката за потребите на Царинска управа се спроведе согласно планот за јавни набавки за 2018 година што е објавен на интернет-страницата на Царинската управа. Набавката се спроведе со отворена постапка, со користење на електронски средства преку ЕСЈН и со поднесување конечна цена како последна фаза од постапката, согласно Законот за јавни набавки. Најповолниот понудувач е избран по целосна проверка на документацијата, а согласно утврдените критериуми за избор на најповолен понудувач (најниска цена, согласно Закон за јавни набавки)“, велат од Царинската управа.

Оттаму додаваат дека новите возила се наменети за потребите на царинските службеници од Одделението за оперативни работи при Сектор за контрола и истраги, односно за мобилните тимови на Царинската управа кои работните задачи ги вршат на сите гранични премини, царински испостави, како и на целата територија на државата.

„Возилата со кои досега располагаа мобилните тимови беа стари, со поминати над 500.000 километри, така што повеќе не се безбедни за спроведување на службени активности и моментално се во постапка за расходување. Шест возила од марката ‘пежо 301’ (набавени со претходна набавка на службени возила), кои се времено доделени на одделението за оперативни работи, не одговараат на потребите на одделението. Од овие причини се јави потреба за набавка на нови возила, соодветни за извршување на работните задачи на царинските инспектори со посебни овластувања. По набавката на соодветни возила, времено доделените возила ќе бидат отстапени на располагање на другите одделенија во Царинската управа“, изјавија од Царината.

Тврдат дека во оваа јавна набавка нема возило наменето за директорот на Царинската управа. (А.С.)

Фото: Б. Грданоски