МИОА издава дозволи за работа и за пекари и погребници

Фото: Б. Грданоски

Министерството за информатичко општество и администрација соопшти дека, согласно последните насоки на Владата, е задолжено да издава дозволи за движење за време на траење на забраната за движење по 21.00/16.00 часот за органи на државната власт, кризни штабови, медиуми, погребални претпријатија и пекари до пет вработени.

Од МИОА наведоа дека дозволите се издаваат за органите на државната власт, кои треба да достават неделни распореди за вработените за кои се потребни дозволите за движење, како и табела со следните податоци за вработените: име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, е-mail и причини поради кои е потребна дозволата.

– Дозволи за општинските кризни штабови, кои доставуваат податоци преку Заедницата на единици на локални самоуправи (ЗЕЛС) до МИОА Податоците потребно е да ги достават секој ден-недела најдоцна до 12.00 часот, за наредната работна седмица, на cabinet@mioa.gov.mk, наведоа од МИОА.

Од Министерството посочија дека вработени во здравствените организации треба да се достават податоци за сите вработени лица: име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон и е-mail.

– Дозволи се издаваат за медиумските работници и другите вработени во медиуми кои се дел од мобилните екипи на медиумот (фотографи, сниматели и останат технички персонал) се потребни следните информации: име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, е-mail и причини поради кои е потребна дозволата. Дозволите ќе се издаваат на сите медиуми кои се регистрирани во регистарот на АВМУ (Регистар на печатени медиуми /Регистар на телевизии / Регистар на радија), како и сите онлајн медиуми од Регистарот на Советот за етика во медиумите на Македонија и Здружението на новинари на Македонија (Регистар на професионални онлајн медиуми), наведоа од МИОА.

Од Министерството соопштија дека за дозвола за пекарите/бурекџилниците до пет вработени потребни се следните информации: тековна состојба за правното лице, не постара од шест месеци, фотографија од објектот во кој се врши дејноста, име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, е-mail и причини поради кои е потребна дозволата.

– За дозвола за погребалните правни лица се потребни следните информации: име и презиме, матичен број, мобилен телефон, е-mail и причини поради кои е потребна дозволата. Табелата со сите горе споменати категории потребно да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација на меил адресата: cabi-net@mioa.gov.mk. Оваа информација е потребна за секоја работна седмица поединечно, образложија од Министерството.

Министерството за информатичко општество и администрација истакна дека не издава дозволи за вработени во приватни фирми и не прима барања во хартиена форма.