Министерот Бесими ги повлекол решенијата за повисоки плати, протест на дел од вработените во МФ


Фото: Б. Грданоски

Министерот за финансии ги повлекол решенијата за зголемување на платите во Министерството за финансии по што група незадоволни вработени во Министерството излегле на протест, соопштија од Синдикатот на УПОЗ на нивната Фејсбук страница. Од Министерството за финансии не потврдуваат дека имало протест, но во соопштение до медиумите се посочува дека прашањето на платите сепак ќе треба да се реши системски, како и дека „поради неможноста на утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност која произлегува од работната позиција, примената ќе ја регулираме со  допрецизирање на одредбата од Законот за Буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот сектор“.

Дел од медиумите објавија и фотографии на кои се гледаат околу 60-70 лица кои стојат пред зградата на Министерството.

Од Синдикатот на УПОЗ велат дека Министерот за финансии го прекршил законот кој го бранел пред само неколку дена.

„Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да ги повлече сите решенија кои вработените веќе ги добиле, а се однесуваа на зголемување на платата за 30 отсто. Револтот и разочарувањето меѓу вработените е огромно и на Министерот денес му се случи протест“, се вели во објавата на Фејсбук страницата на Синдикатот на УПОЗ. 

Од таму прашуваат „дали поради самоволието на Министерот за финансии, ќе доцни исплатата на платите во јавниот сектор?“.

(Фото: Нетпрес)

Од Министерството за финансии и лично министерот Фатмир Бесими во повеќе наврати ја бранеа потребата од зголемување на платите во јавната администрација, а особено во министерството кое што го раководи и кое што се соочува со сериозен одлив на кадри. МФ имаше 700 вработени, а сега се околу 400. Лани 40 луѓе го напуштиле Министерството надвор од тоа што било планирано со пензионирањето.

Во една прилика Бесими на прес конференција одговарајќи на новинарско прашање во врска со зголемувањето на платите, реагираше со контра прашање: „Дали Министерството за финансии треба да го оставиме без вработени?“.

Инаку, на барање на медиумите, денеска од Министерството за финансии реагираа со соопштение, во кое иако не се споменува протестот, одговорите се во насока на објаснување на состојбите со платите. Притоа се вели дека е неопходно да се зајакнат професионалните, стручни кадри во Министерството за финансии, кое е носечка институција во финансиската сфера.

„Ние ќе ги преземеме сите мерки, високата одговорност која ја преземаат овие вработени кои работат со милијарди евра на граѓаните, но и стручност, да биде соодветно вреднувана“, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Бесими истакнува дека просечната плата во Министерството за финансии е дури два пати помала во однос на просeчната плата во целиот сектор Финансии 49.800, а во Министерството изнесува 26.000 денари, додека кога станува збор за раководните позиции во секторот Финансии и Министерството за финансии, овој сооднос е повеќекратно повисок.   

„Финансиите се крвотокот на секое општество, додека Министерството за финансии е централната институција преку која се овозможува нормално функционирање на сите останати институции. Сепак, и покрај високата одговорност што произлегува од самата надлежност на Министерството за финансии, платите на вработените во Министерството за финансии се значително пониски од платите на одредени органи во состав на Министерството, додека просечната плата во Министерството за финансии е дури два пати помала во однос на просeчната плата во целиот сектор Финансии и изнесува 26.000 денари. Кога станува збор за раководните позиции во секторот Финансии и Министерството за финансии, овој сооднос е неколкукратно повисок. Во време на крупни реформи во јавните финансии и усогласување со acquis на Европската Унија, неопходно е стручните и професионални кадри, да останат во институцијата и да се спречи одливот на кадар, кој се случува изминатите години“, вели Бесими.

Фото: Б. Грданоски

Министерот за финансии истакнува дека во оваа насока со амандман на новиот системски Закон за буџети, предложен и поддржан од страна на пратениците во Парламентот, интенцијата беше решавање на прашањето во насока на обезбедување  соодветни и фер услови согласно одговорноста.

Но, бидејќи со оваа одредба на Законот не може да се постигне самата цел на Законот, односно наградување на сите тие што се вклучени во подготовката и спроведувањето на државниот буџет, поради неможноста на утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност која произлегува од работната позиција,  примената ќе ја регулираме со  допрецизирање на одредбата од Законот за Буџети или со самиот Закон за систем на плати во јавниот  сектор, кој е во завршна фаза на подготовка како системско решение ва рамки на јавниот сектор, велат од Министерствот за финансии.