Минатото лето во Европа беше најжешкото досега


Фото: Б. Грданоски

Англија– Летото 2021 година беше најжешкото во Европа откако се води евиденцијата, изјавија денеска научници од ЕУ, пренесе ДПА.

Температурата беше еден степен Целзиусов над просекот од 1991 до 2020 година, соопшти Службата за климатски промени Коперник во својот годишен извештај, кој исто така го фокусираше вниманието на шумските пожари што ги зафатија Грција, Турција и Италија, како и разорните поплави во Западна Европа.

Агенцијата води евиденција од 1979 година, но користи и записи од копнени станици, балони, авиони и сателити од 1950 година.

Климатските истражувачи подетално ја разгледаа катастрофата предизвикана од поплавите во средината на јули 2021 година во германските покраини Рајнланд-Пфалц и Северна Рајна Вестфалија, во која загинаа повеќе од 180 луѓе.

Во Белгија и западна Германија на 14 јули 2021 година се регистрирани рекордни врнежи.

Катастрофата се разви до тој степен затоа што невообичаено голема количина дожд веќе падна во претходните недели и почвата повеќе не беше во можност да апсорбира доволно вода, се вели во извештајот.

Водечката авторка на извештајот, Фреја Вамборг, рече дека се веројатни уште такви катастрофи бидејќи Земјата продолжува да се загрева.

Медитеранскиот регион доживеа интензивен и продолжен топлотен бран во јули и август, додека во Италија и Шпанија беа урнати температурни рекорди.

Според извештајот, штетните гасови во атмосферата на Земјата се клучна причина за глобалното затоплување, и нивниот процент повторно е зголемен во изминатата година, особено метанот.

Иако метанот останува во атмосферата пократок временски период, тој е уште поштетен од јаглерод диоксидот и се произведува, на пример, во земјоделството, на депониите или во индустријата за нафта и гас.

Научниците се согласуваат дека најкатастрофалните последици од климатските промени можат да се избегнат само со ограничување на глобалното затоплување на максимум 1,5 степени во споредба со прединдустриското време.

Досегашните напори за заштита на климата на државите сè уште се далеку од доволни и студиите на ОН сугерираат дека светот е на пат да го пробие прагот доколку итно не се преземе далекусежна акција.