Милошоски ја претвори Комисијата за надворешни работи во пародија
Денеска помина само амбасадорката за Словачка Евгенија Илиева, па Милошоски ја прекина седницата затоа што „имал работа во партија“

Комисијата за надворешна полититика на Собранието почна, прекина, продолжи со работа, па пак прекина. Откако шефот на дипломатијата Бујар Османи побара да биде деблокирана нејзината работа и четирите преостанати амбасадори да ги презентираат приоритетите, претседателот на Комисијата Антонио Милошоски чекаше дозвола од МНР за да ја отвори расправата за јавноста, бидејќи во спротивно немаше кворум да се одржи поради фактот дека дел од пратениците, главно од ДУИ, немаат безбедносни сертификати.
„Така како што прави драма министерот Османи околу нејзиното одржување, да побара секој од нивните пратеници да поднесат барање за безбедносен сертификат, за да можат да присуствуваат на седниците“, му порача Милошоски на Османи.
Според неговото мислење имало причина презентирањето на новиот амбасадор за САД, Зоран Попов да биде на затворена седница, но генерално Милошоски смета дека со оваа пракса треба да се прекине и презентирањето на амбасадорите да биде јавно, како и претходно.
Тој ги отфрли критиките дека го развлекувал закажувањето на оваа точка, оценувајќи дека оваа седница не оди ништо побавно од таа за изборот на судиите и дека тоа не е поради негова вина, туку поради немањето договор во владејачкото мнозинство околу именувањата, кое според негова оценка, е прилично неефикасно, а Османи тоа „намерно не го забележува“.
Но Милошоски ја прекина седницата на Комисијата откако номинираната амбасадорка за Словачка, Евгенија Илиева, го помина сослушувањето, со образложение дека имал работа во неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Уште тројца номинирани амбасадори чекаат да ги презентираат своите платформи – Агрон Буџаку за Канада, Методија Белевски за Белгија и Дритон Куќи за Норвешка.
Околу случајот со Бесмира Ејупи, која преку ноќ стана дипломат во МНР, Милошоски најави дека ќе бараат пред нив да реферира првиот човек на МНР и да објасни колку е таа квалификувана за оваа позиција, имало ли влијание да биде вработена и дали била предлог на Османи или некој друг.
За референдумот Милошоски најави дека стоте потписи најверојатно ќе ги приложат во Собрание идната недела, но остави можност иницијативата за референдум да не помине во Собрание кога ќе се носи одлуката дали да се одржи или не. (Н.В.)